Ковачевски за борбата против корупцијата: „Имаме уште многу работа“


 

Нула толеранција за корупцијата за општество еднакво за сите, порача премиерот Димитар Ковачевски на денешната тркалезна маса „Култура на интегритет – Пат до успех во борбата против корупцијата“, нагласувајќи дека  политичката волја е клучна во борбата против корупцијата.

Тој информира дека ги има поминато сите обуки, врвни легислативи во борбата против корупцијата и јасно му е каде треба да стигнеме по процесот на спроведување на сите реформи во областа на борбата против корупцијата.

„Пред нас имаме многу работа, а таа работа зависи од посветеноста прво на сите одговорни политички ресори во државата и во одговорноста на сите професионални – функционални ресори во државата. Тоа не е еднократен акт на дејство, тоа е воспоставување систем каде луѓе со високи етички и морални вредности ќе бидат дел од раководење со сите институции“, рече Ковачевски.

За тоа да се промени мора со партнери кои имаат ресурси и знаење да работиме сите заедно и да дадеме многу напор, бидејќи треба многу работа, труд, посветеност, за да се направи еден милиметар исчекор во борбата против корупцијата, порача премиерот Ковачевски.

Но тој исчекор, потенцира Ковачевски, сите граѓани ќе го препознаат, ќе го почитуваат и сите заедно ќе направиме подобро општество за живеење на граѓаните и подобри услови за работење на компаниите во државата.

Претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска,  нагласи дека нивната заложба за достигнување висок степен на одговорна, отчетна ефикасна и непристрасна администрација и извршна власт била препознаена од ЕУ, така што и денешниот настан е само една од активностите што заеднички ги организираат во рамки на ИПА 2 проектот, промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација.

„Ризиците кои можат да произлезат од судирот на интереси претходно беа потценети и останаа во сенка на ризиците поврзани со корупција, но сепак ГРЕКО во последните извештаи им обрнува особено големо внимание и не потсетува дека постоењето на судир на интереси е ситуацијата што често се случува и претставува терен што води кон корупција“, рече Ивановска.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на собирот посочи дека токму борбата против корупцијата е утврдена на врвот од стратешките приоритети во Стратешкиот план на Министерството за внатрешни работи 2021-2023. Тој лично е уверен дека токму високиот полициски интегритет е основа за создавање меѓусебно почитување и доверба помеѓу граѓаните и полицијата и има голема улога во ефективната борба против криминалот и корупцијата.