Ковачевски, Вучиќ и Рама ќе го бојкотираат самитот ЕУ-Западен Балкан?

Ковачевски е незадоволен од односот на ЕУ спрема Македонија, Вучиќ и Рама би му се придружиле во бојкотот за да покажат солидарност


Вучиќ, Рама и Ковачевски за време на днешниот видео разговор (Фото: Принтскрин од Инстаграм профилот на Александар Вучиќ)

 

Можно  е лидерите на Србија, Македонија и Албанија да не заминат на закажаниот самит ЕУ-Западен Балкан в четврток пред собирот на европските лидери и со тоа да го искажат протестот поради недоволното ангажирање на Унијата во регионот, а и за бугарската блокада.

Доколку се оствари оваа намера тоа ќе биде неочекуван развој на настаните и во основа самитот ќе биде пропаднат. Тоа ќе биде удар и за францускиот претседател Емануел Макрон, кој сакаше да го заврши претседателството со ЕУ со еден голем собир на кој требаше да биде потврдена посветеноста на Унијата спрема регионот.

Александар Вучиќ, Димитар Ковачевски и Еди Рама денеска преку видео линк разговараа за координација на потезите на трите земји во однос на самитот. Според соопштението на Вучиќ тројцата се договориле одлуката дали да одат или не во Брисел да ја донесат по консултациите во нивните влади.

Како што пишува Б92 Димитар Ковачевски размислувал да не оди во Брисел поради третманот на ЕУ на Македонија особено, а Вучиќ и Рама би се придружиле на бојкотот на самитот за да покажат солидарност кон Скопје.

Пред да ја донесат одлуката Ковачевски, Вучиќ и Рама ќе разговараат уште еднаш утре изутрина за нивниот став да биде заеднички.

На својот профил на Инстаграм Вучиќ напиша: „Утрово разговарав со @ediramaal и @dimitar.kovachevski за претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел. Се договоривме по консултации со нашите влади и советници, утре напладне да ја соопштиме одлуката дали ќе присуствуваме на овој собир.

Разменивме мислења и за идните чекори на нашата иницијатива Отворен Балкан – саемот за вино, која ќе ги собере најдобрите винари од регионот, како и за следната средба на која ќе разговараме за бројни прашања од интерес за нашите граѓани. Заедно се бориме за јасна перспектива на Западен Балкан, уште посилна соработка и подобри врски“. (Н.В.)