Ковачевски во Вашингтон на разговори со Ентони Блинкен
Во продолжение на посетата на САД премиерот Димитар ковачевски отпатува од Њујорк во Вашингтон во дводневна посета, каде што треба да се сретне со државниот секретар Ентони Блинкен.
Ковачевски во американскиот главен град ќе има средби и со специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик-помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар, заменикот советник за национална безбедност на САД, Џонатан Фајнер, советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле, специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман на Стејт департментот на САД, Џејмс Рубин, но и со повеќе сенатори и конгресмени на САД. Премиерот Ковачевски воедно, ќе оствари средба и со членовите на бордот на Атлантскиот совет.
Како дел од работната посета на Вашингтон, премиерот Ковачевски ќе го посети универзитетот „Џон Хопкинс” во Вашингтон каде по средбата со деканот Џејмс Стајнберг, ќе одржи предавање за предизвиците и можностите за Македонија и земјите од Западниот Балкан на нивниот европски пат. Премиерот ќе се сретне и со претставници на македонската дијаспора во САД.