Ковачевски во Берлин: Дојде време да се испорачаат суштински постигнувања
Самитот за Берлински процес е историски затоа што доаѓа во време на продолжена криза и од истиот се очекува да произлезат конкретни чекори кои ќе ја зајакнат регионалната соработка во сите сфери, со што уште повеќе се зголемува неговата важност. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски, денеска на сесијата за Регионална соработка и заеднички регионални пазари во рамките на Самитот за Берлински процес во Берлин.
На дискусијата сите присутни изразиле силна поддршка за членство на државите од Западен Балкан во ЕУ, со јасен став дека ЕУ нема да е целосна и успешна додека граѓаните од Западен Балкан не добијат пасоши со знамето на ЕУ. Воедно, присутните во своите излагања посочија дека Берлинскиот процес не е замена за членството во ЕУ, но е процес кој ќе обезбеди побрза интеграција на земјите од регионот.
Премиерот Ковачевски на првата сесија посочи дека денеска се исполнува клучен дел од обврските во рамките на заедничкиот регионален пазар, усвоени на Самитот во Софија пред две години, истакнувајќи дека сето ова е постигнато поради силната поддршка од Владата на Сојузна Република Германија, како домаќин на Самитот на Берлинскиот процес, Европската комисија и интензивната комуникација на експертите и администрациите од земјите од Западен Балкан.
„Нашата меѓусебна политичка волја и посветеност за регионалната соработка е резултат на меѓусебно признаени интереси кои дополнително нѐ поттикнуваат да работиме на развој на заеднички регионален пазар и зголемување на атрактивноста на регионот за странските инвеститори, истакна премиерот Ковачевски на сесијата“, се вели во соопштението.
Ковачевски рече дека на земјите од Западен Балкан вклучувајќи ја и Северна Македонија им претстои сериозна работа, затоа што дојде време кога ќе треба да се испорачаат суштински постигнувања во однос на подобрувањето на капацитетите, ефикасноста и конкурентноста на економиите и на регионот во целина, што ќе доведе до забрзан регионален економски раст и развој.
На сесијата, премиерот Ковачевски посочи дека Северна Македонија веќе ги отпочна преговорите со Европската унија со заштитени идентитетски позиции, во тек е скринингот преку кој забрзано ќе се одвива реформската агенда на земјата, но исто така истакна и дека Европската Унија не е целосна без земјите на Западен Балкан и во таа насока треба да се интензивираат сите иницијативи кои ќе придонесат кон приближување на регионот до ЕУ.
На сесијата за енергетска стабилност и трансформација Ковачевски рече дека потребна е силна и тесна соработка на целиот регион за постигнување амбициозните цели за енергетска транзиција и за надминување на предизвиците кои ни ги наметна економската и енергетската криза. Фокусот треба да биде на заедничко изнаоѓање алтернативи за стабилно и континуирано снабдување со електрична енергија, но и насочување кон обновливи извори на енергија.
Премиерот Ковачевски истакна дека оваа криза многу брзо ни ја предочи важноста на домашното производство на енергија, но и потребата да се има резервен план во иднина кој ќе ни помогне полесно да пребродиме слични ситуации, но и да ја заштитиме животната средина. Како исклучително важен дел од визијата за Западен Балкан, премиерот го посочи неговиот концепт за енергетска трансформација преку примена на обновливи извори, ефикасни ресурси, како и конкурентни и климатски неутрални практики и стандарди.
-Зелената агенда која ја спроведува Република Северна Македонија е важен двигател за земјата во контекст на енергетската криза во која се наоѓаме. Само во изминативе неколку месеци во Северна Македонија започна со работа најголемата досега фотоволтаична електрана, која произведува струја од домашни ресурси, од македонското сонце, а ги задоволува потребите на многу домаќинства. Од една страна, поедноставените процедури за поставување фотоволтаици овозможуваат посеопфатна и поширока нивна примена, додека пак сериозниот пристап кон инвестиции во областа на енергетиката со посебен фокус на обновливите извори на енергија од друга страна, овозможува интензивирање на енергетската трансформација на земјата, но и на регионот, рече Ковачевски.
Тој притоа нагласи дека Македонија е прва земја во регионот која усвои Стратегија за развој на енергетскиот сектор заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ.
-Ние сме и првата земја која спроведува проект за замена на стара термоцентрала на јаглен во „Осломеј“ во Кичево со фотонапонска централа, како конкретен чекор кон енергетската транзиција на Северна Македонија, покажувајќи силна иницијатива за декарбонизација на нашиот енергетски сектор. Ќе го спомнам и нашиот најзначаен проект за енергетска транзиција, во фаза на евалуација е изградбата на пумпно складиште хидроцентрала „Чебрен“, Црна Река, вредна над 800 милиони евра“, рече Ковачевски.
За реализација на зацртаните планови, рече премиерот Ковачевски, потребна е голема поддршка преку достапни грантови и поволни заеми за новите проекти и да работиме на ефективни планови за праведна транзиција со достапни најдобри практики.
Самитот на Берлинскиот процес кој годинава се одржува во Берлин прв пат по 8 години, има цел да се интензивира соработката и регионалната поврзаност помеѓу земјите од Западен Балкан.