Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ се виновни за хаосот во Скопје, тие ја имаат власта во градот

„Не ја чекав јас или во СДСМ данела Арсовска со трубачи. Така ја чекаа во ВМРО-ДПМНЕ по победата на локалните избори“, рече Ковачевски


Од штрајкот на приватните превозници во понеделникот во Скопје

 

Хаосот што во овој период му се случува на Градот Скопје е само поради неспособноста и бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот претседател Христијан Мицкоски, рече денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски. 

„Граѓаните мора да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ја има градската власт во Скопје. Предлози, односно кадри на ВМРО-ДПМНЕ се најзастапени во сите управни одбори и надзорни одбори на јавните претпријатија во Градот Скопје, вклучително и во ЈСП. И тие ја имаат одговорноста целосна за тоа што денес се случува во Скопје“, изјави премиерот. 

Тој се наврати на ланските локални избори и на победата на независната Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека СДСМ им честитале победа на локалните избори на ВМРО-ДПМНЕ и на Арсовска и оти како резултат на поразот тогашниот претседател на СДСМ и премиер поднесе оставка и од претседател на партија и од претседател на влада. Во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, кажа тој, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска „беше пречекана со трубачи, со песната „Бела чао“.

„Таа беше облечена во бел капут. Цело ВМРО со зурли и тапани стоеше пред зградата и ја пречека свечено на бината во прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во ново блузонче со патент заедно со цело раководство ја пречекаа и кажаа дека го освоиле Скопје. Градоначалникот на Скопје, претседавачот на Градот Скопје се од ВМРО-ДПМНЕ. Директори се членови на ВМРО-ДПМНЕ и немаат никаква врска со СДСМ којшто е во опозиција во градот Скопје“, рече Ковачевски.  

Според него, ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво не работи ништо. „Мојата влада беше избрана на 16 јануари, на 17 јануари јас држев две седници на Владата на коишто морав да ги преземам ингеренциите за затоплување на градот Скопје и само заради тоа градот Скопје има затоплување. Тие сакаат знаете што да направат – истото што го прават денес. Ова што се случува во Скопје е организација на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски и на никој друг. Тоа е нивна организација“, рече Ковачевски. 

Според него, ВМРО-ДПМНЕ сакало на 17 јануари Скопје да нема парно, а ако Скопје нема парно греење електричната мрежа во Скопје не може да издржи потрошувачка на толку многу грејни тела што би се вклучиле во Центар, во Карпош, во делови на Кисела Вода итн. – 63 илјади домаќинства доколку додадат грејни тела не можат да издржат трафостаниците.

Ковачевски обвини дека „кога се испокараа за провизии им текна генијална идеја – градоначалничката на Скопје била сега со нас.

„Како била со нас? Каде била со нас? Не стоев јас со трубачи пред СДСМ. Таму беа трубачите во ВМРО-ДПМНЕ. Ние им честитавме победа на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска за град Скопје“, рече премиерот. 

Праша исто така што е направено во Прилеп, во Битола, во Штип, во Кочани, отфрлајќи ги информациите дека имал тајни средби со Арсовска. 

„Сега ќе понат да велат дека и тие со мене се гледале. Ниту сум имал тајни средби, ниту ќе имам тајни средби, ниту имам. Јас сум човек којшто сите мои средби ги најавувам и ги имам транспарентно и од сите има соопштение. Така било од прв ден до денес и така ќе продолжи да биде и во иднина“, рече Ковачевски. 

Нагласувајќи дека следната година стасува за плаќање обврзницата за проектот „Скопје 2014“, Ковачевски додаде:

„Самонаречениот градоначалник на Скопје, Мицкоски, мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ, членовите на управните и на надзорните одбори од ВМРО-ДПМНЕ се единствените виновници што денес Скопје е заглавен град исто како што беа виновници што 11 години Македонија, беше заглавена држава според сите извештаи на сите меѓународни институции. Не заглавена, туку заробена држава бевме. Пет години ни требаше на меѓународните рангирања да ја вратиме државата во групата на држава во коишто владее демократија“.  

Она што му го направија на Скопје, додаде тој, со проектот „Скопје 2014“сега доаѓа да се враќа.

„Затоа Бесими информираше дека идната година мора да обезбедиме 1,5 милијарда евра за враќање. Над половина милијарда е за стиропорот што паѓа околу зградава кога ќе дојдете“, рече премиерот.