Ковачевски: Има уште полни раце работа и покрај напредокот во рангирањето на „Транспаренси“


Фото: Б. Грданоски

 

Премиерот Димитар Ковачевски е задоволен што земјата напреднала во рангирањето на перцепцијата за корупцијата на „Транспаренси интернешенал“ и иако е тоа мало, само две место, претставува правец во добра насока. Држава, според него, има уште полни раце работа во справувањето со корупцијата.  

Според него, една од причините за скокот е што има општо издигнување на транспарентноста во државата, но и за 120 случаи со коруптивна основа кои се работат во Министерството за внатрешни работи.

„На скалата на најновото истражува Северна Македонија има напредок во делот на мерењето, во делот на справувањето со корупцијата и во делот на транспаретноста. Тоа се должи на тоа што транспарентноста на државата е издигната на највисоко ниво и ако ги погледнете и другите мерења, Владата е 100 проценти транспаретна институција, потоа ако погледнете во Министерството за внатрешни работи се работат 120 случаи кои се со коруптивна основа во нив и тоа е практично причината за подобрувањето на државата во рангирањето“, рече Ковачевски на денешната прес-конференција.

Тој очекува земјава позитивно да напредува во сите рангирања во однос на перцепцијата со корупција како што се движи кон интеграција во ЕУ, но има полни раце работа во секоја област од опшеството.

„Ние веќе работиме на дигитализација на судскиот систем, одосно интероперабилно поврзување на судовите со институциите со кои најмногу разменуваат информации. Исто така, унапредувањето на законодавството е пред нас со оглед на тоа дека скринингот во делот на владеењето на правото заврши и веќе за неколку месеци можеме да ги имаме извештаите на Европската унија во делот на критериумите што ќе треба да ги исполниме“, рече тој.

Од државите од Западен Балкан подобар пласман од Македонија има Црна Гора (65. место), додека Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово се со полош резултат.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на овој реагираше само кусо изјавувајќи: „Со Ковачевски и Ахмети наместо во ЕУ, Македонија отиде во друштво со Суринам, Индија и со Тунис. Тоа е така зошто криминалот и корупцијата станаа заштитен знак за премиерот со бизниси во енергетика и фирми чие броило се зголемува додека салдото на граѓаните на намалува и народот осиромашува“, рече протпаролот на партијата Наум Стоилковски.