Ковачевски в четврток на Регионална конференција за обновливи извори на енергија во Белград


Фото: Б. Грданоски

 

Премиерот Димитар Ковачевски во четврток на 17 ноември во Белград ќе учествуваат на Регионалната конференција „Можности за инвестирање во обновливи извори на енергија во Западен Балкан“.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, на Конференција, организирана од амбасадите на Норвешка во Белград и Сараево во соработка со Нордиската стопанска алијанса, Бизнис асоцијацијата Норвешка-БиХ и партнерите за соработка во областа на енергетиката, ќе учествуваат и српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерите на Албанија и на Црна Гора, Еди Рама и Дритан Абазовиќ и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија.

Конференцијата ќе ја отворат српскиот претседател Вучиќ и заменик министерот за енергетика и специјален пратеник на премиерот на Норвешка за енергетика Андреас Ериксен.

– Поводот е да се претстават решенијата за обновливи извори на енергија – нивните профили во однос на другите технологии и да се објасни како тие можат да се вклопат во пошироката слика на Западен Балкан за да бидат дел од таа зелена транзиција. Исто така, би било интересно за Норвежаните да слушнат какви поволни услови за инвестиции постојат овде, изјави денеска норвешкиот амбасадор во Белград, Јерн Гјелштад на гостувањето на Еуроњус Србија.

Тој нагласи дека на Конференцијата ќе има и панел за финансирање и развој, каде ќе бидат меѓународни финансиски инвеститори, кој ќе го отвори норвешкиот министер за финансии.

– Јас сум голем оптимист и ова може да ја подигне свеста и ангажманот и се надевам дека енергетиката ќе биде голем дел од билатералната агенда меѓу нашите земји и Западен Балкан. Исто така, сакам да истакнам дека оваа конференција, на која ќе се соберат лидери од регионот на тема за енергија и клима, ќе резултира со подобро разбирање како енергијата може да се користи како двигател на посилен регион со поголема соработка, со повеќе интеграции и поголема доверба. Енергијата е нешто што ги интересира сите, и е заеднички предизвик пред нас, оцени норвешкиот амбасадор.

Тој потсети дека со цел да го направи нордискиот регион целосно одржлив, Нордискиот совет на министри го основа „Нордискиот зелен проект“, додавајќи дека е познато оти нордиските земји имаат блиска соработка на многу полиња, но и нивната солидарност со другите земји.

Гјелштад додаде дека дефинитивно е неопходно да се донесат одредени мерки, бидејќи зимата ќе биде исклучително тешка, но во исто време не треба да се испуштаат од вид среднорочните и долгорочните интереси – пред се здрава животна средина.