Ковачевски: Тој што ја кочеше 11 години евроинтеграцијата е во Европа, а ние чекаме


„Евроинтегративнот процес е неповратен. Тој не може да  запре, но од лични причини на поединци може да се забави. Од тоа на крајот никој нема да има интерес,  а тој што го кочеше 11 години заврши во Европа, додека ние сме се уште надвор“, порача денес премиерот Димитар Ковачевски на брифинг со новинарите.

Тој нагласи дека ако не го направиме следниот чекор евроинтеграцијата ќе стагнира, како и во тие 11 години, при што за првпат блокадата не доаѓа од надвор туку од внатре, од опозицијата. Премиерот смета дека има поединци и претставници на раководството во ВМРО-ДПМНЕ кои сакаат државата да биде дел од ЕУ и треба да се охрабрат, но лично оценува дека целата опозициска партија треба да застане зад процесот на уставни измени заради преговори со ЕУ.  

Тој сепак негираше дека има поединечни средби со преставници на опозицијата на оваа тема  нагласувајќи дека никогаш не се среќавал индивидуално со членови, ни на ВМРО-ДПМНЕ ни на СДСМ , туку презентира концепт  кој е отворен за дискусија.

„Не барам ниту нотарски изјави, ниту некој слепо да ги следи моите позиции“, порача Ковачевски порачувајќи дека сите имаат одговорност да носат одлуки во интерес  на граѓаните и на државата.

Околу прашањето дали е стабилна владата по заминувањето на  Демократскиот сојуз од владеечката коалиција, по најавите од лидерката на ДОМ, Маја Морачанин, дека ќе ја напушти коалицијата доколку не се прифати една изборна единица и сличната закана од лидерот на Достоинство,Стојанче Ангелов доколку не се прифатат предложените измени во Законот за бранителите, Ковачевски одговори дека Владата е стабилна и дека тоа се потврдува на сите гласања во Парламентот. Според него нормално е да имаат различни мислења за одредени прашања со коалиционите партнери, но  остави простор прашањето од Ангелов за правата на бранителите да се реши наскоро, а за една изборна единица рече дека СДСМ биле првите што застанале зад тој предлог, но го услови. 

„Го поддржувам предлогот за една изборна единица, но со отворени листи. Изборен праг мора да има зошто во спротивно може да ни се случи деловни заедници да ни кандидираат пратеници и да тераат бизнис интереси, а парламентот да стане Стопанска комора. Предложен е изборен праг од 5 проценти, но интересни бројки се и 3 проценти и 4,5 проценти“, рече премиерот. 

За Демократскиот сојуз пак не избираше зборови ниту пак изрази жалење што излегле од Владата. 

„Со Демократскиот сојуз не делам исти вредности  и очекував да ја напуштата коалицијата . Тие не беа дел од одредени процеси во државата и немав дилема дека ќе излезат. Ако сте направиле кариера на создавање конфликт не можете потоа да поддржите решение за него“, рече Ковачевски алудирајќи на спорот со Бугарија. 

 Запрашан зошто  во исто време не се одржуваат претседателски и парламентарни избори, Ковачевски рече дека така е законски регулирано,а тој не е надлежен да им го скратува мандатот на избраните претставници,  бидејќи претседателските избори треба да се одржат во втората половина од март идната година, а редовните парламентарни во втората половина од јули 2024 година.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифингот појасни на што се однесуваат плановите А и Б кои ги спомна неодамна.

„Планот А е завршување на уставните измени. Планот Б е незавршување на уставните измени и прекинување на преговорите. Албанија да продолжи сама, а ние да влеземе во декада на изолација. Ќе влеземе во период на изолација во кој ќе нѐ третираат како трета група на земји, а ние внатре ќе се гушиме“ – рече Османи.

Тој ја објасни и кампањата наречена „повеќе интеграција пред членство“  оценувајќи дека во овој процес е најважен пристапот до финансиските сретства, а земјите членки земаат до 11 пати повеќе помош од ЕУ од Македонија бидејќи таа има пристап само до ИПА фондовите, а тие и до фондовите за кохезија. Целата нова преговарачка методологија, според него, е базирана на тоа да има награди за напредок и казни за назадување, така што со оваа кампања се настојува да не биде празно одењето до членство туку да има бенефиции и пред него. 

Во врска со шпекулациите дека преговарачката рамка со Македонија не е донесена, вицепремиерот за европски интеграции Бојан Маричиќ појасни дека таа е донесена и нема да се менува, но дека ќе се објави на втората меѓувладина конференција која ќе се одржи откако ќе бидат донесени уставните измени.