Ковачевски стана член на регионалниот одбор на глобалниот тинк-тенк COSCU од Холандија

Глобалната тинк-тенк организација COSCU, чие седиште е во Хаг, Холандија, соопшти дека поранешниот премиер Димитар Ковачевски станал член на организацијата.
„Со задоволство соопштуваме дека Димитар Ковачевски, поранешен премиер на Северна Македонија, се приклучи на COSCU (Конфедерација на училишта, колеџи и универзитети), како член на Регионалниот советодавен одбор за Европа. Господинот Ковачевски носи богата експертиза и истакнат учинок во јавната служба служејќи како премиер на Република Северна Македонија од јануари 2022 до јануари 2024 година“, пишува во соопштението на COSCU.
COSCU се опишува себеси како „пионерска организација посветена на обликувањето на иднината на образованието на глобално ниво. Како независен индустриски совет, ние се стремиме да ја поттикнеме соработката, иновациите и извонредноста во образовниот сектор. Во COSCU, ги обединуваме образовните институции, корпоративните субјекти, претприемачите и инвеститорите од целиот свет за да поттикнеме позитивни промени и трансформација во образованието. Нашата мисија е да ги поттикнеме поединците и институциите да напредуваат и да имаат значајно влијание врз општеството преку квалитетно образование и можности за доживотно учење. Преку стратешки партнерства, напори за застапување и влијателни иницијативи, COSCU има за цел да ја унапреди образовната индустрија, да промовира економски развој и да создаде можности за раст и иновации“.