Ковачевски со Лајен: Денес се отвора вратата за нашиот македонски јазик во ЕУ


Премиерот Димитар Ковачевски и албанскиот премиер  Еди Рама, утрово во Брисел имаа заеднички состанок со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, и со премиерот на Чешка, Петр Фиала, како претставник од чешкото претседателство. Заеднички тие одржаа прес конференција  на која Ковачевски порача: 
 

,,Во пресрет на меѓувладината конференција со која ги отвораме преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија, сакам најпрво да упатам искрена благодарност до сите наши пријатели во Европската Унија, за нивната поддршка, вклученост и посветеност на европската интеграција на Северна Македонија. Нивната заложба беше клучна ние денес, тука во Брисел да го направиме првиот чекор кој ќе нѐ одведе до полноправно членство во Унијата.

Вoедно, би сакал да упатам честитка и до граѓаните на Албанија, и до мојот колега Еди Рама, за отпочнувањето на преговорите и за нивната земја. Верувам дека овој нов почеток за регионот ќе значи просперитет и напредок. А кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи. Ние продолжуваме и понатаму со истата динамика на регионална соработка. Впрочем како што и досега одлично и целосно, во интерес на нашите граѓани работиме посветено во рамки на нашите автентични иницијативи и процеси на соработка. На тој начин, работиме за нас самите, но и за забрзување на процесот на интеграција во Европската Унија.
 

Огромно е задоволството што после 17 години чекање, денес конечно ги отпочнуваме преговорите. Отвораме нови перспективи за државата и за граѓаните и полека но сигурно се приклучуваме кон големото европско семејство, што е наша приоритетна стратешка цел децении наназад.

Европски предлог кој го добивме, преку широк консултативен процес го препознавме како најдобро можно решение кое од повеќе аспекти ги почитува и задржува црвените линии, а во исто време дава конечно почеток на преговори. Во него, а за нас исклучително важно, е прецизиран македонскиот јазик без никакви дополнувања, дообјаснувања, астерикси. Со тоа се отвора вратата да нашиот македонски јазик стане еден од официјалните јазици на Европската Унија, што лично го сметам за најголемото достигнување и најважен успех.

Македонскиот јазик, на овој начин, не само што ќе биде заштитен, туку ќе доживее и неверојатна промоција со тоа што многу земји и култури кои традиционално немаат допир со нашиот македонски јазик, ќе можат да се запознаат со него. Воедно, нашиот идентитет, сé она што е автентично за нас и за нашиот јазик, култура, обичаи и традиција, ќе остане токму тоа, автентично македонско и во Европската Унија, а тоа воедно ќе биде поголемо богатство за Унијата и обединување во различностите.

Северна Македонија природно, вредносно и цивилизациски припаѓа во европското семејство. Нашето место е во Европската Унија. Ние досега многупати докажавме дека сме партнер од доверба на Европската Унија и за земјите членки и така и продолжуваме да работиме и функционираме во иднина. Затоа и очекувам да имаме позитивен пример за најбрза интеграција на земја членка во ЕУ исто како што имавме најбрза интеграција на земјата во НАТО. Ние сме подготвени за ЕУ!

Искрено се радувам, заедно со граѓаните на ова денешно добредојде од Европската Унија. Ако по утрото се познава денот, тогаш со сигурност ова ќе биде одличен ден, историски,  на кој ќе се гордееме и кој ќе нѝ обезбеди сигурна, безбедна и европска иднина“, рече Ковачевски на прес конференцијата во Брисел. 

 

Претседателдката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, порача да сметаме на неа дека договорот ќе биде преведен на македонски јазик без фусноти.

„Северна Македонија набрзо ќе преговара со нас за Фронтекс, се работи за распоредувањето на  во Северна Македонија и тоа ќе ја зацврсти нашата соработка во миграцијата и, Димитар, може да сметате на мојата поддршка за да се осигураме дека договорот ќе биде преведен на македонски јазик, без фусноти, ѕвездички, на еднакво ниво со сите 24 европски јазици“, рече претседателката на ЕК.

Денешните меѓувладини конференции и за Северна Македонија и за Албанија таа ги нарече историски момент. Двете земји, според неа, се наоѓаат на стартот на преговорите благодарение на промените и реформите кои биле направени.

„Ова е ваш успех, успех на вашите граѓани, вашиот народ работеше многу за да стигне до тука и покажавте искрена посветеност на нашите вредности, покажавте отпорност и ја задржавте вербата во пристапниот процес, го зацрвстивте владеењето на правото, се боревте против корупцијата, имате слободни медиуми, имате добро граѓанско општество, бројни реформи и ја модернизиравте вашата економија. Ги направивте сите овие промени не само затоа што беа потребни на вашиот пат кон ЕУ туку пред сè затоа што се добри за вашите земји и тие веќе испорачуваат подобар и поквалитетен живот за важите луѓе. ЕК ве поддржуваше на целиот пат и ќе продолжиме така“, рече Фон дер Лајен.

„Честитики за Северна Македонија и Албанија за овој успех. Иднината на ЕУ е со вас и е на дофат. Ви посакувам што е можно побрзо да се придвижите кон нашето семејство“, изјави премиерот на Чешка, Петр Фиала. „Сите, порача Фиала, ќе бидеме посилни токму поради вашиот избор што неколкупати беше ставен на тест“, па додаде дека особено го ценат тоа што стоиме заедно со ЕУ и нејзините политики соочени со руската агресија.

 
„ Во денешна Европа мора да бидеме здружени што е можно повеќе. Чешка секогаш го поддржуваше проширувањето на ЕУ на Западен Балкан, и тоа така и ќе остане. Почестени сме што ваков напредок се случува токму за време на нашето претседателство, но сепак мора да се заблагодариме и на француското претседателство за напорната работа и посветеноста, кои што ни дозволија да дојдеме до овој историски момент“, истакна Фиала.