Ковачевски: Сите сме за ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ многу бргу треба да донесе одлука

Опозицијата одбива да се вклучи и во работната група за подготвување на уставните амандмани исто како што одбија и беа против сите важни процеси во државата, рече премиерот


Фото: Б. Грданоски
 

Премиерот Димитар Ковачевски по денешната лидерска средба порача дека коалицијата е стабилна и дека сите дале поддршка за европскиот пат на Македонија, порачувајќи дека возот тргнал и ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да одлучи дали ќе се приклучи на европскиот блок или уште еднаш нема да учествува во стратешка одлука за Македонија, од што ќе се срами подоцна. 

„Многу брзо ќе треба да одлучат дали ќе го фатат последниот воз и ќе се приклучат на проевропскиот блок кој неминовно оди и носи одлуки за приклучување на Северна Македонија во ЕУ“, изјави Ковачевски практично најавувајќи дека има намера да ја истера оваа партија на „чистина“ и да не ѝ остави простор да глуми дека е за евроинтеграција а во реалноста да блокира.   

„Високиот претставник на САД, Габриел Ексобар упати јасна порака – опозицијата не треба да ми даде мене поддршка. Треба да ја поддржи европската иднина на нашите граѓани, а нашите граѓани сакат да живеат во ЕУ ама да живеат тука – дома во Северна Македонија, земја членка на ЕУ“, рече Ковачевски. 

Нашата цел, рече Ковачевски, е полноправно членство во ЕУ до 2030 година и во оваа цел не поддржуваат и нашите стратешки партнери.  

„Денес, кога е повеќе од кога било досега важно Европа да остане обединета целосна, слободна и во мир со нашите стратешки партнери се согласивме дека истото не е можно без интеграција на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан во европското семејство. Токму затоа евроатлантската интеграција на Северна Македонија и нејзиниот демократски развој, безбедност и стабилност се особено важни за нашите стратешки партнери САД“, рече Ковачевски.  

Тој повика на отвореност и политичка одговорност и ги повика сите партии и општествени чинители да се приклучат кон остварување на стратешките цели на државата. 

„Опозицијата одбива да се вклучи и во работната група за подготвување на уставните амандмани исто како што одбија и беа против сите важни процеси во државата. Но, сепак, ја повикувам на отвореност и политичка одговорност и ги повикувам сите партии и општествени чинители да се приклучат кон остварувањето на стратешките цели на државата. Заедно ги донесовме одлуките, заедно да ги донесеме одлуките и заедно да ја обезбедиме европската иднина“, рече Ковачевски.

Продолжувањето на европскиот пат, според Ковачевски, е историска шанса која, како што рече, не е сигурен дека ќе ја добиеме повторно и која треба да се искористи сега и веднаш.

„Ние поминавме 11 години во барање на алтернативни начини за развој на државата и приклучување кон евроатланските интеграции. Тие 11 години на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека државата единствено заврши во ќор сокак и во изолација. Сега кога државата веќе има донесено низа  тешки одлуки, благодарение на оваа Влада, кога е членка на НАТО, кога претседава со ОБСЕ, кога сме земја признаена од целата меѓународна заедница како земја фактор на стабилност на Балканот, која од земја корисник на мировни мисии, стана земја во која што се водат мировни преговор и шансата мора да ја искористиме“, порача Ковачевски.  

„Оваа владина коалиција е стабилна и силно обединета и ќе ја оствари таа цел“, рече Ковачевски.

Околу разните ултиматуми што ги добива изминатите недели од партнерите, од ДОМ, Стојанче Ангелов и од Алијансата за Албанците, тој  не беше загрижен, бидејќи сите тие прашања ќе се отворат во процесите што се во тек – преку работните групи за уставни измени, за реформи на изборното законодавство и за политички систем, потенцирајќи дека може да бараат и да разговараат, но за сите нив треба да се постигне консензус.

„Со Ангелов веќе разговаравме и со коалициските партнери веќе имавме средба во однос на барањето кое барање веќе го имаме разгледувано, но со оглед на законска неможност да се реализира ќе седнеме повторно да најдеме решение и тоа беше разговарано. Со Балкоски ги знам во детали неговите ставови и се работи за остварување на иста цел, но различен пристап бидејќи тој е експерт во таа област смета дека треба друг пристап во делот на одредени регулативи кои се носат, но сепак сметам дека остварувањето на целта за изградба на коридори од сите аспекти е императив на сите политички партии“, рече Ковачевски.

За реформите во правосудството – законот за ветинг, се договориле дека во рамки на Комисијата за политички систем при Собранието ќе се отвори расправа и ќе се формира група која ќе работи на изработка на решение заедно со учество на експерти и од ЕУ кои имаат искуство со цел да се добие законско решение и процедури кои ќе бидат издржани и ќе обезбедат процес кој ќе даде посакувани ефекти.

За законските предлози за една изборна единица се договориле дека дискусијата треба да се води во рамки на Собранието и таму, според него, треба да бидат земени предвид сите аспекти на политичките партии.

„Во рамки и на коалицијата и на опозицијата има различни мислења по однос на Изборниот законик. СДСМ е партија која во својата програма има поддршка за една изборна единица, но во рамки на Собранието ќе се расправа за модалитетите во однос на тоа дали треба да има изборен праг, не треба да има, застапеност на етнички заедници, родова застапеност на изборните листи, ќе се води во рамки на дискусијата. Од страна на политичките партии беше истакната поддршка за продолжување на европскиот пат. Денес се наоѓаме на крстопат – дали продолжуваме забрзано со интеграција во ЕУ или државата повторно треба да стане изолирана во рамки на балканскиот простор без сантиметар напредок како што беше 11 години во минатото“, рече Ковачевски.

Прашан што доколку не се испочитуваат барањата на помалите коалициски партнери, Ковачевски нагласи дека за него не постојат помали или поголеми коалициски партнери, туку коалициски партнери кои ги почитува заради нивните идеолошки и програмски определби и претпоставки на кои ги градат своите политики.

„Во една разноликост на коалициски партии, кога имате од социјалисти, економски политики до либерални, зелени итн. секогаш постои процес на усогласување. Денес се договоривме дека  на Комисијата за политички систем во Собранието во делот во однос на реформите во правосудството да се отвори расправа за воведување на систем избраните функционери во правосудниот систем да можат да бидат повикани на јавна расправа во Собранието, како што јас одам на пратенички прашања, за да одговорат на пратениците кои ги избрале, како и да се воведе  законска регулатива во делот на казнивост и одговорност. На мој предлог разговаравме за унапредување на индивидуалната транспарентност која потоа може да биде преточена во унапредување или санкционирање на лоши постапки… Сето тоа што ќе биде дел од Комисијата за политички систем. За Изборниот закон веќе е поднесено законско решение за кое сите политички партии ќе треба да го усогласат ставот  како тој да изгледа, но имаме време до наредните избори“, заклучи Ковачевски. 

По прес конференцијата од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со категорично не за измените.

„Димитар Ковачевски веднаш, уште денес да ги достави предлог за уставни измени во Собранието, за да се соочи со фактот дека нема двотретинско мнозинство. И кога нема да поминат овие уставни измени, кукавицата Димитар Ковачевски да си поднесе неотповиклива оставка. Тоа што кажува дека нема да си поднесе оставка доколку не поминат уставните измени покажува дека тој е само еден уплашен човек, кој бега од соочување со народот по секоја цена. Ковачевски единствено мисли само како да помине ден повеќе на удобната фотелја, а со тоа и да украде некој денар повеќе и да намести некој тендер, дали за него и неговото семејство, дали за неговиот шеф Ахмети.

Лажниот патриот на батерии кој глуми кавга со Радев прави само уште еден очаен маневар со цел да спаси нешто од неговиот уништен рејтинг. Факт е дека Димитар Ковачевски и покрај тоа што бега од соочување со народот, бега и од дебата со претседателот Мицкоски. На крај Ковачевски ќе почне да бега и од сопствената сенка. Е, до толку е исплашен Ковачевски. Но, Димитар Ковачевски треба да биде сигурен дека нема да избега од одговорноста за сите предавства и целиот криминал што го прави“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, кои изминатите два дена се затечени од реториката на премиерот кон Бугарија на која досега само тие собираа   поени. (Н.В.)