Ковачевски се сретна со пратеникот на Берлин, Сарацин
Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со специјалниот претставник на Германија за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој престојува во работна посета на земјава. На средбата се разговараше за актуелните политички случувања во нашата држава и за евроинтеграциските процеси и предизвици.
Ковачевски ги истакна заложбите на Владата во насока на остварување на стратешката цел-полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија. Сарацин ја истакна силната поддршка на Германија за евроинтеграцискиот процес на нашата држава, како и за следните чекори. Во таа насока, на состанокот, се дискутираше и за претстојниот процес на носење на уставните измени, се вели во соопштението на прес-службата на Владата
Премиерот потенцирал дека Македонија е на патот кој води кон напредок и просперитет, а тоа е членство во ЕУ и затоа е неопходна широка поддршка околу уставните измени. Тој изразил надеж дека сите политички партии ќе се обединат и ќе работат заедно на реформските процеси за да се овозможи побрзо членство во ЕУ.
Сарацин денеска се сретна и со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. германскиот пратеник посочил дека Македонија е на вистинскиот пат да ја реализира својата стратешка цел, но во следниот период мора да се фокусира на обврските кои произлегуваат од преговарачката рамка, на владеењето на правото, независното судство и борбата против корупцијата, за да ја задржи динамиката на напредок кон ЕУ.
Соговорниците се согласиле дека сега е најважно да се одржи континуитет на пристапните преговори и оваа година Македонија да направи нов напредок кон ЕУ, со отворање на првиот кластер, „Фундаментални вредности“. За тоа Сарацин рече дека како и досега ја имаме силната и принципиелна поддршка од европските партнери, но дека многу поважно е да имаме политички консензус и проактивност од сите политички партии за евроинтегративниот процес.