Ковачевски се сретна со главниот директор на Дојче телеком
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски за време на посетата на Берлин, се сретна со главниот извршен директор на Дојче телеком, Тимотеус Хотгес. На средбата Хотгес изјавил дека Дојче телеком е подготвен за продолжување на инвестирањето во Македонија со конкретни големи инвестиции во дигиталната инфраструктура во земјата.
На средбата, на која присуствуваше и Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски телеком, се разговарало за постигнатите успеси и наредните планови на групацијата Дојче телеком, соопшти владината прес-служба.
Дојче телеком е во Македонија од 2001 година и го зазема водечкото место меѓу националните телекомуникациски оператори преку Македонски телеком кој има голем придонес во македонската економија. Компанијата е двигател на дигитализацијата во општеството, и она што е препознатливо за истата е примената на нови технологии.
На средбата беше потенцирано дека минатата година беше година на големи инвестиции, со коишто овозможи проширување на оптичката мрежа во Македонија, меѓутоа и воведување на 5Г технологија од страна на Македонски телеком, дел од групацијата на Дојче телеком. На средбата се разговарало и биле презентирани можностите за развој кои ги нуди 5Г технологијата во многу сегменти од општествениот живот но и во бизнисот. Големите германски инвестиции, како што е и Македонски телеком, освен за развој на економијата се и одлична шанса за поттикнување нови генерации на млади за работа во телекомуникацискиот сектор што е и неопходно.