Ковачки се корегира пред судење, Петровска немала нарушено здравје


Драган Ковачки по денешниот судски процес инициран од министерката за одбрана Славјанка Петровска се корегираше тврдејќи дека таа немала нарушена здравствена состојба, туку дека манипулирала, односно наодот со дијагноза бил само за пред суд и за да му бара оштета.

-Беа изнесени доказите од наша страна, меѓутоа ова е уште еден блед обид на министерката за одбрана да манипулира, вели Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ откако денеска започна судското рочиште пред Основниот суд 2 Скопје по тужба од Славјанка Петровска.

-Таа самата има доставено мислење односно вештачење од психијатар специјалист со кое сака да ја манипулира јавноста,за својата емотивна и психолошка состојба. И самиот премиер кажа дека тоа вештачење е за потребите на судот, но не и за потребите воопшто за работењето. Јас ценам дека тоа не би требало да биде така, смета тој.

Ковачки ги повика новинарите да истражат дали има некој друг ваков случај каде што психичката и емотивна состојба на едно лице се однесува само за потребите на судот, а не и за потребите на општото работење, додавајќи дека тоа е од јавен интерес за граѓаните.

Министерката Петровска, пак, најави дека доказите ќе ги достави до судот,дека следува и второ подготвително рочиште и уверена е дека судот ќе ја види вистината.

-Сите оние шпекулации за наводно бришење на податоци од Катастар итн, се само дополнителна замка во којашто тужениот сам влегува, меѓутоа тоа го оставам на неговата совест којашто е очигледно каква е во овој случај. На моја страна е вистината и таа ќе излезе на виделина, кажа Петровска.

-Оскудните т.н докази да не речам “рекла-казала” докази кои ги презентираше тужената страна, покажуваат навистина за каква несериозност пристапиле кон сето ова и дека единствената цел, како што кажа мојот адвокат, била да се наруши мојата чест и мојот углед, и да се попречам во извршувањето на мојата работа.

Таа додаде дека започнато е и барање за штета, меѓутоа ќе следува и барање за јавно извинување на прес конференција на начин на кој Ковачки, како што додаде министерката, го искажал лажното клеветење кон неа.

– Вкупно 610.000 денари е формата, незначително меѓутоа таа сума на пари ако биде пресудена ќе биде донирана во добротворни цели. Немам намера да задржам пари од нечесни луѓе, истакна Петровска.

Неодамна, министерката информираше дека веќе е поднесена тужба за наводите за „наводна нејзина хациенда“ и тоа за него е веќе изгубен случај.

-Јас никогаш не сум се водела со место на живеење на таа адреса. Имам адреса на живеење во Радишани, но таа е на парцела веднаш до хациендата која ја покажува Ковачки, истакна Петровска, додавајќи дека и за тврдењето за уапсени оперативци на военото разузнавање испратени од нејзина страна на Косово ќе добие тужба.