Ковачевски пречекан во Софија со највисоки државни почести


 

Ако се суди според пречекот на македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Софија од страна на неговиот домаќин Кирил Петков дводневните разговори би требало да завршат со успех. Ковачевски беше пречекан со највисоки државни почести на плоштадот „Александар невски“ а пред двајцата премиери кои го изодеа долгиот црвен тепих продефилираа водови на трите рода на бугарската армија. Воениот дувачки оркестар ги свиреше двете химни и маршеви.

Двајцата премиери потоа положија венци пред Споменикот на непознатиот војник.

За утре наутро е закажана заедничката седница на владите на двете земји, која ќе се одржи во резиденцијата „Бојана“. На седницата воведно обраќање ќе имаат Ковачевски и Петков, по што ќе почнат разговорите, откако Скопје и Софија претходно ги формираа работните групи со кои треба да се интензивира соработката во периодот што претстои.

За утре е предвидено и потпишување на неколку билатерални документи, меѓу кои и Меморандум за разбирање за развој на железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија, а по завршувањата на меѓувладината седница, Ковачевски и Петков ќе одржат прес-конференција.

Во владината делегација се сите министри освен вицепремиерот Бојан Маричиќ кој остана во Скопје бидејќи е позитивен на ковид.

Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје.