Лидерите многу бараа – засега ништо не договорија

Првиот приоритет е европскиот пат, па интересите на политичките партии. Никој нема да биде кочничар, рече Ковачевски по лидерската средба


Фото: Б. Грданоски

По  четири часа разговори, заврши лидерската средба на која била отворена дискусија за уставните промени, но не биле донесени конкретни заклучоци, иако од страна на Владата имало предлог околу кои позиции да се усогласат политичките лидери. Премиерот Димитар Ковачевски во изјавата за новинарите порача дека никој не треба да биде кочничар на државата и дека, иако не постигнале консензус, клучно е  што се сретнаа.  

Ковачевски: Нема сами да си ставаме пречки и да кочиме

„Пред нас стојат многу предизвици и затоа важна е деблокадата на Собранието за да се донесат важни реформи. Не смееме да дозволиме уставните измени да бидат пречка која сами ќе си ја поставиме. Да бидеме мудри и да го искористиме поволниот момент во ЕУ. Не е време за поделби. Ќе се формира собраниска група која ќе се грижи реформите да не стојат во место. Првиот приоритет е европскиот пат па интересите на политичките партии. Никој нема да биде кочничар“, рече Ковачевски по лидерската средба во Собранието која ја иницираше тој, а ја прифатија речиси сите политички партии.

 

„Вложивме многу труд да дојдеме до оваа фаза.Конечно после 17 години гордо можеме да кажеме дека сме земја која ги започна преговорите со ЕУ. Имавме многу предизвици, требаше да се носат тешки одлуки. Но, истовремено знаевме која е целта – НАТО И ЕУ, две стратешки цели кои сме должни да ги исполниме“, изјави премиерот. 

Тој додаде дека земјава последните пет години направи крупни чекори и успеа да се докаже како достоен НАТО и ЕУ партнер.

„Еден од тие чекори беше и европскиот предлог кој го добивме летово, за време на француското претседателство. Свесни за сите негови предности и слабости го препознавме како можност за деблокирање на процесот и придвижување напред. И самите бевте сведоци, го усвоивме во Собранието во атмосфера на тешка седница, тензии и недоверба“, рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека заклучоците донесени во Собранието гарантираат почеток на преговорите со ЕУ и скрининг процесот со гарантиран јазик и идентитет и гаранција дека историските прашања се надвор од преговарачката рамка.

„Отворањето на преговорите е огромен успех за сите нас. Процесот е конечно започнат и сега е важно да напредуваме во реформите, заради граѓаните и заради градење на европски институции кои ќе работат по европски стандарди и принципи. Низ преговорите ќе ни се отвараат повеќе фондови, а на долг рок – бенефитот ќе го имаат нашите граѓани“, уверуваше  Ковачевски.

Тој го престави и предлогот за заклучоци, што не биле усвоени, а во кои стоело дека  евроинтеграцијата е надпартиски интерес, дека согласно нашиот интерес за членство сите  чинители во Собранието треба да дадат поддршка, а при водењето на преговорите со ЕУ треб да се придружуваме на позицијата за јазикот и идентитетот како елементи за кои нема да се преговара, а во согласност со резолуцијата што беше усвоена во Собранието.

Премиерот изрази задоволство што сите претседатели на парламентарни партии освен двајца присуствувале на средбата.

„Клучно е дека седнавме на маса да разговараме за овие прашања. Ние како Влада сме отворени за соработка и сега е потребна инклузивност и обединетост, а темата за ЕУ да не е терен за дневна политика“, побара премиерот.

Мицкоски: Ни дадоа смешен документ, не го прифатив!

„На лидерската средба не се разговараше за ниедна важна тема“, изјави по средбата претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Не стана збор за инфлацијата од 20 проценти , не стана збор ниту за една тема што им е важна на граѓаните“ , рече Мицкоски со констатација дека Владата се обидува да направи дефокус од вистинските проблеми и дека се фокусирале само на некои теми како евроинтеграцијата , за која што многу пати се разговарало.

„Се делеше еден смешен документ  како заклучоци , што се разбира не го прифативме“, изјави Мицкоски.

Мицкоски истакна дека го поддржал предлогот на лидерот на ДС, Павле Трајанов за Бугарија да го признае македонското малцинство и пак потврди дека опозицијата нема да гласа за уставни измени. Тој истакна дека ќе нема гласање за уставни измени , туку ќе треба да почне постапката за предвремени парламентарни избори. Тој оцени дека оваа лидерска средба е задоцнета, фрустрирачка и дека дошле иако знаеле дека ќе зборуваат за теми кои не ги опфаќаат реалните проблеми на граѓаните.

„Немаат мнозинство за уставни измени и водејќи се од овој заклучот, излезот е Парламентот да се распушти, да имаме техничка Влада и да одиме на избори“, рече Мицкоски.Мицкоски додаде дека преговарачката рамка ваква каква што е не е вистинскиот пат кон Европа.

Ахмети: Надминете ја носталгијата, да се вратиме на рационалноста 

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети рече дека на средбата повикал да не се отвораат теми од минатото туку да се гледа кон иднината. Зборувајќи за уставните измени, Ахмети истакна дека ни требаат повеќе чекори кон ЕУ.

„Уште на средбата повикав да се надмине носталгијата и да се вратиме на рационалноста, бидејќи ако отвориме прашања кои припаѓаат на минатото, тешко дека ќе се дефинираме за иднината. Секое минато што се отвора не и служи на иднината, не им служи на генерациите и генерациите што доаѓаат. Ни требаат поконкретни чекори кон ЕУ“, рече меѓу другото Ахмети.

За него не беше проблем што договор не е постигнат на оваа средба.

„ Се дебатираше за сите теми. Според моите процени, не мора да значи дека на една средба да ги оценуваме сите разлики и се разбира дека разлики имаше, меѓутоа се надевам дека оваа средба нема да биде последна, туку да се продолжи со ваквите средби се до приближување на разликите кои што постојат меѓу политичките партии за да се гради заедничка стратегија за тоа како да ја промениме денешницата, со еден подобар напредок и прогрес во иднина. Доминираше смиреноста и рационалноста и тоа ми остави впечаток од оваа средба. Посакувам оваа смиреност да продолжи до приближување на разликите меѓу мнозинството и малцинството“, изјави Ахмети.

На новинарско прашање дали на средбата е разговарано и за барањето за бришење на формулацијата „20 проценти“ од Уставот, Ахмети рече дека е разговарано, но треба да се видат приоритететите во ситуацијата во која се наоѓаме.

„Да, се разговараше, меѓутоа над се приоритет се даде на уставните измени и штом се отвори една таква дискусија се разбира дека треба да се видат приоритетите во ситуацијата во која се наоѓаме и за тоа ќе градиме ставови околу оваа прашање“, рече тој.

Трајанов: Осум пратеници чекаат да влезат во владеечкото мнозинство

Осум пратеници од опозицијата чекаат да влезат во владејачкото мнозинство, изјави денеска пратеникот Павле Трајанов по лидерската средба. 

„Се отвори темата за предвремени избори, доколку не обезбедиме единство за сите овие важни прашања и државата не ја движиме напред, можеби оваа тема логично ќе се наметне на  партиите коишто се за промена на Уставот. Доколку добијат поддршка тоа ќе можат и да го направат“, изјави Трајанов во врска со темата предвремени парламентарни изјави.

Тој предложил да има предвремени избори доколку не се постигне консензус за овие прашања, па и сугерирал  формирање на широка коалициска влада, но вели дека ДС не е таква политичка партија која може тој став да го наметне.

 Тој додаде дека во целина добро е што претседателите на политичките партии разговарале, но проблемот е што за ниту едно прашање не се изградил заеднички став. Сепак, смета дека ваквите разговори треба да продолжат и дека е потребно да се направи дополнителен напор  и од СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и другите партии доколку сакаме единство.

Тој рече дека не се противи Бугарите да влезат во Уставот, но тоа да биде реципрочно и за Македонците во Бугарија.

„Жалам што имаа историска шанса лидерите на политичките партии да упатиме јасна порака, јасни барања до Бугарија да ги признаат правата на Македонци, затоа што сигурен сум дека корените на сите проблеми се наметнати од Бугарија со тоа што го негира нашиот јазик и народ. И доколку го направат тој чекор, тоа ќе биде со историски димензии и сите отворени прашања многу брзо ќе се затворат“, рече Трајанов. Тој преку медиумите апелираше до Бугарија да ги признае правата на македонското малцинство и да започне со спроведување на одлуките на Судот во Стразбур.

На средбата тој зборувал и за потребата од, како што кажа, робусна борба против корупцијата и криминалот кои станале вредносна категорија во Македонија, сите креативни луѓе да се вклучат во скрининг процесот, укажал на разочарувањето од граѓаните од функционирањето на системот и институциите во државата.

Таравари: Отворањето на уставот мора да се случи

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, по лидерската средба изјави дека тие како партија се за отворање на Уставот и внесување на другите заедници во Уставот, но, со неговото отворање да се отстрани и „20%“ за Албанците и албанскиот јазик. Тој додаде дека сограѓаните Македонци треба да ги разберат Албанците за ова, како што ги разбираат Албанците кога станува збор за нивниот јазик, кој го оспоруваат Бугарите.

„Отворањето на уставот мора да се случи бидејќи Северна Македонија нема друга алтернатива. Воведувањето Бугари не го нарушува идентитетот на државата. Оваа можност за отворање овозможува и отворање на други прашања, како што е отстранувањето на 20 проценти за дефинирање на Албанците и албанскиот јазик. Албанците отсекогаш биле на страната на Македонците кога станува збор за јазикот, така што и овие вториве треба да ни помогнат на реципрочен начин“, изјави Таравари.

Одговарајќи на новинарско прашање Таравари не демантираше дека токму тие се партијата која со 8 пратеници чека да влезе во владејачкото мнозинство.

„Денеска бевме тука да зборуваме за иднината на државата, а не за иднината на Владата. Така да, ирелевантно е тоа што го кажал Трајанов“, изјави Таравари.