Ковачевски: Парно ќе има од 15 октомври, почна постапката за издавање лиценца на ЕСМ

Обезбедени се финансиски средства за потребните енергенси за топлинска енергија, истакна премиерот Ковачевски на вонредна прес конференција


Владата ја почна постапката за за издавање лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар согласно член 6 од Законот за енергетика на ЕСМ, соопшти вечерва премиерот Димитар Ковачевски. Гас ќе се добива од Србија, доколку се финаслизира договорот за кој што се преговара. Станува збор за размена на гас за струја.  

На вонредна прес-конференција во Владата, тој потенцира дека парно за скопјани ќе има, како и дека грејната сезона ќе почне на 15 октомври.

„Економско-енергетскиот совет на Владата штотуку заврши со својот состанок и донесовме одлуки кои сакам да ги споделам со јавноста а се однесуваат на сигурно, стабилно снабдување со енергенси во наредниот период. Го повикувам Град Скопје, РКЕ и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење за одлуката со што ќе се створат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите. Обезбедени се финансиски средства за потребните енергенси за топлинска енергија, истакна Ковачевски.

Според него, во однос на електрична енергија, и малите потрошувачи ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија.

„Осумдесет проценти ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти т.н. мали потрошувачи со промет годишен до два милиона евра ќе добијат субвенционирана електрична енергија која е трипати пониска од берзанската. Дополнително донесовме одлука на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини, нагласи премиерот.

Исто така донесена е одлука со која сите јавни здравствени установи ќе бидат обезбедени со електрична енергија преку „ЕСМ продажба“ по поповолна цена од берзанската, дополни премиерот.

Тој нагласи дека и оваа криза заеднички ќе ја пребродиме како што ја пребродивме и ковид кризата.

„Ја користам оваа прилика да апелирам до сите граѓани да продолжиме со мерките за штедење. Секој заштеден киловат час електрична енергија значи заштеда на нашиот буџет и повеќе пари за инвестиции во нови и енегетски инфраструктурни проекти кои што во иднина ќе го подобрат снабдувањето со електрична енергија“, рече Ковачевски.

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва апелира до сите пратеници да ги изгласаат законот за финансиски средства од ЕБРД за справување со енергетската криза, да ги поддржат измените на Законот за енергетика и на Законот за нафта и нафтени деривати, како и да го усвојат Барањето за продолживање на кризната состојба.

Како што истакна Ковачевски ова не е време за политички поени, туку е време за разум, солидарност и социјална грижа.

„Утре имаме седница за пратенички прашања во Собранието на државата. Сакам да им укажам на Собранието и на пратниците од сите политички партии да се одважиме заедно и конечно да се обединиме за интересот на граѓаните и пред започнувањето на седницата да се изгласаат законот со кој се обезбедуваат финансиски средства од ЕБРД, пари одобрени од ЕБРД за справување со енергетска криза на РСМ по исклучително поволна каматна стапка, измените во Законот за енергетика и Законот за нафта и нафтени деривати и усвојување на кризната состојба. Ова не е време за политички поени, туку е време за разум, солидарност и социјална грижа. Ова е само прв сет на одлуки на Економско-енергетскиот совет, истакна премиерот.

Ковачевски одговарајќи на прашања на новинарите рече дека преговорите со Адора околу топланите Исток и Запад, се одвиваат помеѓу ЕСМ и Адора, бидејќи ЕСМ треба да го преземе затоплувањето на градот Скопје, и согласно законските одредби топланите ќе бидат ставени во функција за загревање на градот Скопје.

„Држават ќе ги земе топланите под закуп согласно член 6 од Законот за енергетика и согласно законот ќе го плаќа закупот што следува согласно методологијата определена на Регулаторната комисија“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека продажбата на топланите е нешто друго и се прави врз основа на соодветна постапка.

„Знаете дека ЕСМ е АД во државна сопственост и кога ќе бидат спроведени сите постапки за купување на одредени инвестициски објект согласно со закон ќе може да се влезе во финални преговири и потпишување на договор и преземање на сопственоста и комплетното управување на топланите“, рече Ковачевски.

Ковачевски беше запрашан и за снабдувањето на гас за што претходно беше речено дека ќе се изврши од Србија, иако експерти објаснуваат дека договорите на Србија со Гаспром се јасни дека не може да се врши препродажба.

Не се работи за купопродажба на гас, туку за размена на гас за електична енергија.

„Ние ги имаме донесено сите одлуки и одобрено меморандум за соработка. Не се работи за купопродажба на гас, туку за размена на гас за електична енергија. Знаете дека имаме когенеративна централа која што работи на гас, а Србија има складишта на гас кои можат да бидат искористени во нашата централа. Врз основа на договор кој што се преговара и кој се уште не е финално договорен, бидејќи од страна на Србија треба да се проверат сите претпоставки за негово успешно реализирање, ќе се реализира доколку за тоа постојат 100 проценти шанси да биде реализиран. Нашите тимови и во моментов преговараат , тоа ќе продолжат да го прават и во текот на утрешниот ден и штом ќе има резултат, тој ќе биде соопштен“, рече Ковачевски.

На вонредната прес-конференција во Владата вечерва, покрај Ковачевски, присутни беа вицепремиерот Фатмир Битиќи, министрите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.