Ковачевски: Откажувањето на еврообврзницата нема да влијае врз кредитниот рејтинг


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека случувањата околу еврообврзницата, за која што ќе треба да биде повторена аукцијата, нема да влијаат врз кредитниот рејтинг на државата. 

„Не може да влијае на кредитниот рејтинг бидејќи уште во текот на вчерашниот и завчерашниот ден Министерството за финансии и Секторот за меѓународни финансии објаснија дека е од процедурални причини“, рече премиерот Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања за време на отворањето на нова градинка во Волково. 

Тој посочи дека во тек е реконструкција на Влада која што се спроведува согласно Уставот и законите на државата, но согласно Уставот и законите е пратениците во Собранието да се пријават на дискусија и за реплики, како и дека дискусијата не е ограничена како при избор на влада.

„И од тие причини, Блумберг и инвеститорите беа информирани за процедуралниот аспект на издавањето на еврообврзницата со оглед на тоа дека е потребен потписот на министерот за правда, кој што е во оставка, и до изборот на новиот министер, не сакавме да правиме било какви прекршувања во постапката“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека вчера инвеститорите биле информирани, а била информирана и инвеститорската јавност преку Блумберг.

„Вие знаете дека побарувачката беше 2,5 пати поголема од понудата на финансиски средства во однос на она што ние го баравме на аукцијата за еврообврзницата. Таа ќе биде повторена и ќе биде исто така успешна како и претходната, штом ќе биде завршена реконструкцијата на Владата“, нагласи Ковачевски.

Одговарајќи на дополнително прашање дали министерот за правда Никола Тупанчевски не сакал да ја потпише обврзницата, Ковачевски додаде дека станува збор за процедурални  прашања, а не до тоа дали некој сакал или не сакал.

„Според процедурата е министер во оставка во тој ден не може да ја потпише бидејќи има ден кога што се потпишува при издавање на еврообврзницата“, објасни Ковачевски.

Одговарајќи на прашањето околу повторување на постапката за еврообврзницата, претставникот на Светска банка во земјва, Масимилјано Паолучи рече дека задачата на Светска банка е за намалување на сиромаштијата и за заеднички просперитет.

Сепак, како што посочи, на пазарот постои доволна ликвидност, доволно средства кои што можат да се искористат на соодветен начин.