Ковачевски од Струмица: Никого нема да заборавиме и да оставиме сам да се справува со последиците од кризата


Ветивме дека никого нема да заборавиме и да оставиме сам да се справува со последиците од кризата. Мерките што ги носиме, политиките кои ги спроведуваме, грижата за стопанството и граѓаните се со цел да обезбедиме подобар квалитет на живот, сигурност, економски раст, просперитет и развој, истакна премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска присуствуваше на отпочнување на изградбата на социјална населба во Струмица и го посети производствениот погон на компанијата „МАКС“.

Премиерот потенцираше дека во услови на тешка економска и енергетска криза се промовираат добро платени работни места и се создаваат услови за нови инвестиции, дека се враќаат парите кај граѓаните и се обезбедува ликвидност на компаниите кога е најмногу потребно, како што тоа е случај со компанијата „МАКС“.

-Оваа компанија речиси за сите 165 вработени обезбедува континуиран раст на платите, благодарение на мерката од државата за субвенционирање на придонесите за раст на платите која ја користи во континуитет веќе неколку години. Компанија е и меѓу првите кои уште пред неколку години инвестираше во фотоволтаици за сопствено производство, но и сопствени финасии, што е навистина за поздравување.Од страна на менаџерскиот тим бев информиран дека постојано ги зголемуваат инвестициите во нови панели и со тоа сега имаат инсталирана моќност од 1.350 киловат часови електрична енергија, што во услови на енергетска криза им обезбедува поевтина струја која ја користат во производствениот процес, рече Ковачевски.

Додаде дека оваа позитивна пракса треба да биде поттик и за останатите компании во земјава да го следат примерот и да вложуваат во обновливи извори на енергија за сопствени цели.

При посетата на локацијата за изградба на нова социјална населба во Струмица, претседателот на Владата посочи дека во оваа населба ќе бидат сместени околу стотина семејства на кои станбеното прашање не им е решено и живеат во дивоградби, односно импровизирани куќи.

-Овде во оваа населба ќе добијат дом, свое живеалиште и други ранливи категории граѓани. За развој на општеството, Владата се залага да обезбеди социјална сигурност на граѓаните, затоа во изминатите четири години изградени се или во фаза на изградба се вкупно 853 социјални станови, подвлече Ковачевски.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, истакна дека просторниот опфат на овој капитален проект изнесува 3,34 хектари, на кој ќе бидат изградени стотина типски куќи со користење префабрикувани елементи кои овозможуваат брза и ефикасна градба.

-Покрај објектите за домување, во целокупниот опфат е предвидена и изградба на поголем деловен објект, чија што содржина ќе произлезе од потребите на граѓаните кои ќе живеат во оваа населба, а се разбира ќе биде изградена и неопходната инфраструктура која ќе овозможува непречена пристапност до урбаното градско јадро. Реализација на прва фаза од проектот во делот на нискоградбата чини 90.000.000 денари, без вклучен ДДВ, кој опфаќа реализација на пристапна улица, изведба на планирани платформи за куќи, потпорни ѕидови и инфраструктурни активности, а потоа ќе следат ангажманите од втората фаза, рече струмичкиот градоначалник.

Во рамките на денешната посета на Струмица премиерот Ковачевски заедно со градоначалникот Костадинов изврши увид и во градежните работи на изградбата на

булеварскиот мост „Обединување“ на реката Водочница, за кој се обезбедени 30 милиони денари од општинската каса. Тој веќе половина е завршен. Долг е 15 метри на еден распон и ширина од 23 метри, односно, булеварско решение со две посебни коловозни сообраќајни ленти од по 7,5 метри, тротоари од двете страни по 3 метри и среден слободен простор помеѓу двата коловози од 2 метри.