Ковачевски од Мечкин Камен: Илинден е патоказот за напред

Во краткиот говор премиерот одбегна да ја спомене опозицијата, ниту другите што мислат поинаку и повика на обединување и заедништво


Димитар Ковачевски зборува на Мечкин Камен

 

Во малку напрегната атмосфера со многу луѓе насобрани на Мечкин Камен, од кои едните ја поздравуваа, а другите ја исвиркуваа владино-државната делегација, помина годинашнава прослава на Илинден во Крушево. Сепак, сето тоа беше во рамките на коректност, без инциденти.

Главниот говор на прославата го одржа премиерот Димитар Ковачевски, во кој порача дека Илинден е нашата сила и за современа, модерна, економски развиена и европска Македонија. „Даваме збор дека илинденската и асномската идеја за светла и перспективна македонска иднина, ја имаат пред себе и генерациите на денешнината и од неа нема назад, има само напред. Сега е време за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре и за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава. Како илинденците и како асномците во 1944 година и денес во 2022 година во различно време но повторно заедно и повторно со иста цел пред себе, светла иднина, сигурност и перспективи“, рече Ковачевски.

Во неговиот краток говор тој одбегна да ја спомене опозицијата, ниту другите што мислат поинаку во комплицираните политички моменти за државата. Околу дилемите дали македонскиот јазик е заштитетн во преговорите со ЕУ, тој ги разјаснуваше споменувајќи ги литературните величини од историјата и денешницата:

„Денес во нашата земја се твори на македонски јазик, по примерот на големите Конески, Јаневски, Андреевски, Мисиркова–Руменова, Крле, Шопов, Николова, Урошевиќ, Стефановски, продолжувајќи го делото и на Мисирков, Миладиновци, Цепенков, Прличев, кои нѐ задолжија да го чуваме, негуваме и развиваме нашиот македонски јазик.

Но денес во нашата држава се признаени и се негуваат и јазиците на сите други народи кои живеат овде, албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот, босанскиот јазик – со што покажуваме меѓусебна почит и разбирање и со што поставивме цврста основа на меѓусебна доверба.

Заедништвото низ кое илинденците и асномците ги добиле нивните битки, е заштитен знак и на современата заедничка држава што ние ја градиме и низ кое заедништво ги надминуваме предизвиците на нашето време, добивајќи ги на тој начин нашите битки“.

Ковачевски ја нагласи борбата на револуционерите од пред 120 години: „Визијата на револуционерите кои се издигнале над своето време Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански, на Никола Карев, општо на Крушевската Република за обединување, еднаквост, правичност и праведност, перспективност е аманет којшто обврзува секого кој и мисли добро на својата земја Македонија. Да се почитува великанот Гоце Делчев значи да се сфати неговото разбирање на светот како поле на културен натпревар меѓу народите и така да се дејствува“.

Илинденците од АСНОМ јасно порачаа, додаде тој, дека каква Македонија ќе изградиме таква ќе ја имаме.

„Ние денес инспирирани од визионерите Илинденци и асномци градиме современа, прогресивна, економски развиена Република Северна Македонија. Градиме земја на пријателства и соживот. Тоа е она по кое светот нас нѐ препознава. Со таа мисла и во тој дух денес гордо стоиме рамо до рамо со нашите пријатели, сојузници и партнери во НАТО и во ЕУ. Делиме исти вредности, а ќе делиме и европска иднина со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите јазични, идентитетски, историски и културни особености и европска иднина во која што има место за сите“, нагласи премиерот.

Според него, нема поголем државен приоритет од патот напред којшто носи перспективи за иднината на младите и економски напредок за граѓаните. „Тоа е можно со интеграцијата во европското семејство и повикувам на обединување на генерациите на денешнината за остварување на оваа стратешка државна цел. Нејзините корени се во Илинден и затоа Илинден нека биде нашата сила за нашата иднина. Време е новото сонце на слободата да изгрее и да ни го осветли патот за храбро, посветено и бестрашно да погледнеме кон иднината и брзо и одлучно да го оствариме нашиот сон“, рече Ковачевски во говорот на Мечкин Камен.

Партиската делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од потпретседателот Александар Николоски, која положи цвеќе на гробот на Никола Карев во Македониумот, потоа ја напушти свеченоста не сакајќи да биде заедно со СДСМ. „Гледаме дека државате се урива со забрзано темпо. Илинденска и Асномска Македонија се урива. Гледаме дека една влада предводена од СДСМ и од ДУИ ги урива овие темели и корени… Ние во овој момент ќе го напуштиме Мечкин Камен и нема да присуствуваме на обраќањето на претседателот на владата, затоа што ова е партиска манифестација на СДСМ, а на митинзи на СДСМ немаме намера да учествуваме“. (Н.В.)