Ковачевски очекува отворени разговори со Синдикатот на УКИМ за зголемување на платите


Премиерот Димитар Ковачевски очекува отворени разговори со Синдикатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, во однос на зголемувањето на платите на професорите.

-Јас очекувам да разговараме отворено со Синдикатот на УКИМ на којшто ќе треба да се постави рамка во однос на барањето на професорите од УКИМ. Јас сум тука денеска, тука беше и ректорот на УКИМ, навистина треба да се цени и вреднува работата на професорите и јас доаѓам од академската заедница со тоа што мора да ги имаме предвид условите во коишто работи економијата во овие кризни услови, одговори премиерот на новинарско прашање на денешниот прв академски час на Економскиот факултет при УКИМ.

Тој информираше дека веќе е предвидено зголемување на платите на високообразовните институции за седум до осум проценти за оваа година. 

-Секако дека ќе се трудиме да направиме и идната година, со цел низ еден среднорочен период да дојдеме до подостоинствени плати на професорите, заклучи тој.

Инаку, Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, пред една недела најави дека  очекува средба во Владата за исполнување на нивните барања, а доколку таа не се реализира до крајот на неделава, најавија медијација пред штрајк.

Претседателот на Синдикатот, проф. д-р Ангел Ристов, вели дека минатиот месец им е најавена средба со премиерот, но сѐ уште не се повикани.

– На средбата со премиерот ќе ги изнесеме нашите барања што ги имаме две години – потпишување Колективен договор и постепено покачување на платите, по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да стигнеме на ниво од 100-процентно покачување, некоја достојна плата за вработените на најстариот и најголемиот универзитет, изјави Ристов тогаш.
 

За овие барања Синдикатот на УКИМ на 2 јуни организираше предупредувачки протест пред Ректоратот и за крајот на тој месец планираше мирен протест пред Владата, но го откажа откако доби ветување од Владата дека нивните барања ќе бидат разгледани од министерствата за образование и наука и за финансии.

 

– Од тогаш до денес немаме никаква информација. На 18 август ни е најавена средба, добивме одговор дека ќе бидеме побарани од премиерот за да разговараме во врска со барањата. Ние трпеливо ќе почекаме уште една недела и  доколку не бидеме повикани и нема никаков одговор, тогаш  ќе почнеме со медијација пред започнување штрајк. Тоа е еден правен лек кој ги интензивира преговорите на договорните страни. Тогаш има законска обврска договорната страна, конкретно Собранието, со посредник медијатор да ги отпочне или продолжи преговорите кои застанаа токму кај процентот на покачувањето на платите, рече претседателот на Синдикатот на УКИМ.