Ковачевски: Нерелевантно е барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум


Премиерот Димитар Ковачевски го оцени како нерелевантно барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да се одржи референдум за прашање за кое ни самиот се уште не се решил како ќе гласи. ВМРО-ДПМНЕ, според премиерот, треба прво идеолошки да расчисти кај себе, дали сакаат да ја видат Република Северна Македонија членка на ЕУ или не.

Во врска со уставните измени тој порача дека пратениците треба да бидат на ниво на европската задача и сите одлуки кои ги носат во интерес на граѓаните треба да бидат во однос на зачленувањето на ЕУ вклучително и носењето закони и уставни измени

„Оваа држава од денот на првата меѓувладина конференција го започна патот на своето зачленување во ЕУ. Од тој пат нема ниту назад, ниту лево, а има уште помалку десно односно кон истокот така да сосема е нерелевантно барањето на ВМРО-ДПМНЕ за некаков референдум кој треба да биде изјаснување против зачленувањето во ЕУ“, порача премиерот,  одговарајќи на новинарски прашања во Тетово .

Единствените кои се против ЕУ заедно со ВМРО-ДПМНЕ, рече премиерот, е нивниот коалициски партнер Левица која е за сојуз со Русија.

„На референдум при своето осамостојување пред 31 година граѓаните се изјаснија дека сакаме независна држава членка на ЕУ и НАТО. ВМРО-ДПМНЕ е партија која беше против членството во НАТО, сега заедно со нивниот нов коалициски партнер Левица се единствени што се против ЕУ. Тоа јасно го покажаа при гласањето на предлогот од ЕУ во однос на отпочнувањето на преговорите со Република Северна Македонија. Меѓутоа, доминантниот број на пратеници – 68 кои ги претставуваат граѓаните, донесоа одлука РСМ да ги отпочне преговорите. Тој референдум што го зборува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е единствено заради нивна внатрешно-политичка употреба, бидејќи нема политичка партија освен нивниот партнер Левица која е против ЕУ и НАТО и за некаков си централноазиски сојуз со Русија“,рече премиерот.

Во врска со уставните измени тој порача дека пратениците треба да бидат на ниво на европската задача и сите одлуки кои ги носат во интерес на граѓаните треба да бидат во однос на зачленувањето на ЕУ вклучително и носењето закони и уставни измени. Уставни измени, рече премиерот, се прават и пред зачленувањето за дел од надлежностите да се предадат на ЕУ.

„Прво уставните измени се носат во Собранието. При зачленувањето во ЕУ кој е пат што треба да се изоди особено во областите на владеење на правото, на демократијата, на управувањето со институциите, со јавната администрација, РСМ ќе треба да направи голем број на законски измени и исто така и уставни измени. Дури и при влегувањето во ЕУ се прават повторно уставни измени со цел дел од надлежностите кои се во надлежност кои се исклучиво на РСМ да се предадат на ЕУ бидејќи влегуваме во сојуз со 27 држави, колку што се во моментов“, рече Ковачевски.