Ковачевски немал зошто да ја појаснува изјавата од Рејкјавик


 

„Што имав да кажам на Самитот на Советот на Европа во Исланд, го кажав пред 46 делегации на држави членки на Советот на Европа. Од тоа постои видеозапис, имаше и директен пренос, така што, немам што да појаснувам по однос на таа изјава“, изјави премиерот Димитар Ковачевски денеска во однос на неговата изјава на самитот на Советот на Европа во Рејкјавик.

Тој во Рејкјавик рече дека „дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина“.

Тој беше прашан од новинарите на денешното официјално пуштање на делницата на магистралниот пат Куманово – Страцин дали побарал од шефот на дипломатијата да ја појасни неговата изјава. Ковачевски одговори неодредено:

„Нормално дека министерот за надворешни работи има свои состаноци со своите колеги. Тие таму разговараа за дневните работи кои ја окупираат дипломатијата. Мојата изјава ја има интегрално и можете да ја погледнете“.