Ковачевски нема сознанија за аферата што ја отвори опозицијата
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека нема сознанија за аферата „Тајни имоти“ што ја отвори ВМРО-ДПМНЕ и ги повика сите што имаат индикации нив да ги достават до Антикорупциската комисија.
„Секој функционер е должен сето што го има стекнато во текот на својот живот да го пријави во својот анкетен лист исто како што сум направил јас“, рече Ковачевски по отворањето на новата инвестиција во ТИРЗ.
Претходно, со слична изјава се јави и СДСМ и го повика ВМРО-ДПМНЕ доколку има информации за непријавен имот да ги достави до ДКСК.
И претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска ја повика ВМРО-ДПМНЕ да поднесе пријави за нивните сознанија, иако тие постапуваат и по допрен глас. Она што може ДКСК да го направи, како што посочи таа, е да изрече глоба доколку функционери имаат имот регистриран во Катастар, а не го пријавиле во анкетниот лист.
„Ако имотот не е регистриран во Катастар, тука е проблемот на кој ние постојано укажуваме дека има висок ризик од корупција и три години бараме да се донесе Законот за потекло на имот. Кога секој граѓанин ќе си каже од каде е имот, полесно ќе биде да се утврди состојбата“, изјави таа за 360степени.
Од голема помош за Антикорупциска, според Ивановска, ќе биде и ставањето во функција на софтверот кој ќе значи поврзување на сите институции.