Ковачевски нема да си оди од политиката ако СДСМ изгуби избори


Имињата на носителите на пратеничките листи и кандидатите за пратеници ќе бидат познати кон крајот на март кога ќе се одржи седница на конгресот на СДСМ, најави денеска партискиот лидер Димитар Ковачевски. Конгресот, како што кажа, ќе се одржи на почетокот на последната недела од март.

„Јас веќе ве информирав дека во СДСМ тече постапката согласно правилникот за  кандидати за парламентарните избори и согласно она што е усвоено на Централниот одбор сметам дека и носителите и кандидатите за пратеници ќе ѝ бидат познати на јавноста преку одржување на конгрес на почетокот на последната недела од овој месец“, изјави лидерот на СДСМ одговарајќи на новинарски прашања.

Тој порача дека носителите на пратеничките листи на СДСМ ќе бидат искусни партиски кадри кои и во минатото извршувале високи позиции во партијата и во државата.

„Сметам дека истото ќе се однесува и на кандидатите за пратеници во сите изборни единици, меѓутоа не би сакал сега да шпекулирам пред да се носат одлуките и на Изборниот одбор, Централниот одбор и на конгресот“, вели Ковачевски.

За коментарот на Крешник Бектеши дека тој што ќе ги изгуби изборите треба да се повлече од политиката, наменет пред се за албанските опозициски партии, Ковачевски кажа дека тоа е исто како кога еден фудбалски тим ќе загуби натпревар, па треба сите тие фудбалери да не се занимаваат со фудбал.

„Јас сум во СДСМ од 1994 година, и од тогаш СДСМ победувал на избори и имал помалку успешни резултати. Ако фудбалски тим изгуби натпревар, тогаш треба сите тие фудбалери и тренери никогаш веќе да не се занимаваат со фудбал. Политичарите се занимаваат со политика, тие нудат решенија, граѓаните проценуваат што е во нивни интерес, поддржуваат една или друга политичка партија, често пати и независни кандидати“, одговори Ковачевски на новинарското прашање дали ако изгуби ќе се повлече од СДСМ.