Ковачевски-Нехамер: Имаме огромна поддршка за евроинтеграцискиот процес


Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Виена, во рамки на дводневната работна посета, оствари тет-а-тет средба со австрискиот канцелар Карл Нехамер. Тие разменија  ставови и информации за актуелните состојби и предизвици со кои се соочуваат европските земји, како и последиците од економско-енергетската криза.

Премиерот Ковачевски го запозна австрискиот канцелар со актуелните внатрешно политички случувања во Македонија и  изрази задоволство од тоа како тече скрининг процесот и реформскиот процес во земјата. Ковачевски му се заблагодари на Нехамер за севкупната поддршка од Австрија за процесот на пристапните преговори како и за силната поддршка која ја добива Северна Македонија како на економски, така и на безбедносен план од оваа земја. Австрија е силен и гласен поддржувач, партнер и застапник за европската интеграција на Северна Македонија, и на земјите од Западниот Балкан, беше кажано на средбата. По средбата двајцата премиери имаа прес конференција.

-Одговорност на сите политичари е да соработуваат и заеднички да носат одлуки во интерес на граѓаните кои сакаат да живеат во Северна Македонија како дел од ЕУ, а не во други европски држави, рече Ковачевски на заедничката прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за противењето на опозицијата за уставните измени.

Тој  кажа дека себе си се гледа како рационален оптимист, нагласувајќи дека верува во остварувањето на целта.

-Ова е една од одлуките којашто ќе треба да ја преземеме до конечниот влез во ЕУ, ова е прво дветретинско  гласање се до наредните што ќе дојдат, затоа што ова одлука ќе го продолжи патот кон интеграцијата во ЕУ и јас го гледам како одлука за европската иднина на земјата. Ова не е процес на едно лице и не е процес на една политичка партија, ниту пак на една влада, ова е процес на целата земја којашто треба да обезбеди и да гарантира европска иднина на граѓаните на овие и на следните генерации на Северна Македонија. И токму затоа јас секогаш повторувам дека одговорност на сите политички фактори е да соработуваат и заеднички да ги донесат неопходните одлуки, ваквите одлуки коишто се од стратешка важност за земјата не смее да бидат предмет на дневно политички дебати, кажа Ковачевски.

Тој посочи примери на држави кои скоро се зачлениле во ЕУ, укажувајќи дека одлуките се носеле стратешки и не биле дел од дневни дебати. Во изјавата Ковачевски се осврна и на потпишувањето и спроведувањето на договорот со ФРОНТЕКС, потпишан на македонски јазик.

– Секогаш сум бил рационален и оптимист што значи дека верувам во остварување на целта и работам на остварување на целта. Лани добивав прашање слично на овие дали ќе можеме да постигнеме договор со Бугарија и го дадов истиот одговор – верувам во остварување на целта и работам кон тоа остварување. И  денеска го давам истиот одговор – лани успеавме и започнавме преговори со ЕУ со заштитен македонски јазик и со заштитен македонски идентитет, како идентитет и култура на ЕУ, а најголемиот доказ дојде со потпишувањето и спроведувањето на договорот на Фронтекс , кажа Ковачевски.

Премиерот рече дека процедурално веќе е формирана работна група за уставни измени во која членуваат експерти по уставно право, претставници на академската заедница и практичари, со правници и претставници на политичките партии.

-За жал, опозицијата не се приклучи кон ова работна група како што не се приклучи ни на работните групи за преговори со ЕУ во текот на билатералниот скрининг. Мислам дека ова не е рационална и не е мудра одлуката, затоа што да се биде дел од овој процес значи дека политичката партија го учи процесот и еден ден може да продолжи да биде дел од процесот, рече Ковачевски.

Тој посочи дека македонскиот парламент, пратениците имаат мудрост, визија и капацитет да донесат стратешки важни одлуки за иднината на сегашните и идните генерации граѓани.