Ковачевски на средба со Руте, зборувале и за владеењето на правото
Ковачевски, во рамките на Самитот се сретна и со премиерот на Холандија, Марк Руте. На средбата беше истакната поддршката на Холандија која е меѓу најголемите билатерални донатори на Северна Македонија и во континуитет помага во реформите на повеќе сфери во нашата земја, како почитување на човековите права, демократија, владеење на правото, реформи во судството, јавната администрација, заштита на маргинализираните групи во општеството.
Премиерот на Холандија, Марк Руте на средбата истакна дека Северна Македонија стигна многу далеку во процесот и мора да го направи последниот чекор, за што побрзо членство во ЕУ. Изрази благодарност кон премиерот Ковачевски за поддршката и усогласеноста на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и поддршката за Украина. Руте му се заблагодари на Ковачевски што Северна Македонија е стриктна во примената на визната политика.
Премиерот Ковачевски изрази благодарност до Холандија за заложбите во градењето на независни институции во Северна Македонија, кои се столб на секоја европска демократија. Двајцата премиери разменија мислења околу евроинтеграциите на Северна Македонија, со оценка дека објективниот пристап на Холандија во оценувањето на критериумите за пристапување на нашата држава во Унијата создава дополнителен импулс за Северна Македонија во давање резултати и ја потврдува посветеноста на Владата на реформската агенда на земјата за побрзо членство на Северна Македонија во ЕУ.
Премиерот на Ирска, Лео Варадкар, на средбата со Ковачевски истакна дека Ирска цврсто ја поддржува интеграцијата на земјава во ЕУ, и воедно е меѓу најголемите поддржувачи на политиката на проширување на ЕУ. На средбата од страна на ирскиот премиер биле посочени придобивките кои Ирска ги има како земја членка на ЕУ, истакнувајќи дека таквите придобивки важни за напредок и развој треба да ги почувствуваат и останатите земји. Во таа насока посочи дека Северна Македонија веќе предолго чека на тој пат.
Соговорниците разменија мислења за актуелните политички случувања во земјата, во контекст на промената на Уставот, при што беше заеднички потврдено дека тоа ќе претставува практично придвижување на европскиот пат.
Ковачевски оствари билатерална средба и со домаќинот на самитот, шпанскиот премиер Педро Санчез. Соговорниците разменија мислења и информации за актуелните состојби во Европа, и во регионот на Западен Балкан.Премиерот Ковачевски го запозна шпанскиот премиер Санчез со најновите внатрешно-политички состојби во државата и се заблагодари за севкупната поддршка од Шпанија која низ годините се покажа како важен партнер на билатерален план и поддржувач во аспирациите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Ковачевски ја истакна важноста на улогата на Шпанија во ратификацијата на пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО.

Премиерот Санчез истакна дека поддршката на Шпанија кон Северна Македонија ќе продолжи да биде силна сè до остварувањето на крајната цел, членството во ЕУ.