Ковачевски: На луѓе без домашно воспитување не им помагаат никакви институции
Секогаш бегате во клучни моменти, никогаш за ништо немате гласано, им порача премиерот Ковачевски на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ
Во однос на прашањето поврзано со францускиот предлог, тој истакна дека по неговото прифаќање станало јасно дека земјава ја одржа прва меѓувладина конференција, дека македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка и дека затоа треба да бидат горди сите 68 пратеници кои кренале рака „за“, како и дека паднале во вода сите невистини кои ги ширела опозицијата.
Ковачевски притоа додаде дека опозициската партија, којашто зборува за референдум, е против сите стратешки одлуки на државата и повика тоа да го расчистат во нивните редови.
„Ако некоја партија беше против членството во НАТО, тоа беше вашата партија, ако некоја партија беше против релаксирањето на меѓуетничките односи во државата, тоа беше вашата партија. Ако некој е против членство во ЕУ, тоа е вашата партија и тоа се факти. Во едно гласање немате учествувано. Такво бегање, да се излегува, па барем ако сакате гласајте против, седете и гласајте против“, рече премиерот Ковачевски.
„Прво седнете во партијата, видете дали сакате оваа држава да оди во полноправно членство во ЕУ или не сакате. А јас знам што ќе ви одговори народот, затоа што и во опозицијата не постои партија којашто ве поддржува, освен Апасиев којшто треба во прв ред да ја седнете тука. Начинот на којшто се однесувате, начинот на едно домашно невоспитување кое го покажувате, само тоа ве доликува“, додаде премиерот.
Пратеникот Стојановски незадоволен од одговорот, му порача дека власта прави се за да избега од соочување со народот дали на избори или пак на референдум.
– Ако толку е значајно тоа што го направивте и е нешто кое го бара и се согласува народот, немаше сами да правите прослава, туку ќе бевте заедно со граѓаните. Но, порано или подоцна заедно со народот ќе ве соочиме со народната волја, кажа Стојановски.
Во врска со референдумот за кој се залага партијата, Стојановски истакна оти идејата на претседателот Стево Пендаровски за тоа како да гласи прашањето е добра основа за да се смисли консензуално прашање и сите да се соочат со народот и неговото мислење.