Ковачевски на конгресот на европските социјалисти: Подготвени сме да ја внесеме Македонија во ЕУ до 2030


 

Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ, беше во Рим на конгресот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) што е најважен настан за оваа групација пред европските избори во јуни. Тој се обрати на панел сесијата „Решенија за подобар квалитет на живот“. Ковачевски оствари и средби со премиерката на Данска, Мете Фредериксен, шпанскиот премиер, Педро Санчез како и германскиот канцелар, Олаф Шолц.

По завршување на конгресот Ковачевски изјави:

„Денеска учествував на Изборниот конгрес на ПЕС, насловен како ‘Европа што ја сакаме, социјална, демократска и одржлива’, на којшто беше усвоен Манифестот на Партијата на европски социјалисти за претстојните избори и како заеднички кандидат на партијата кој ќе го води европското социјалистичко семејство на европските избори во 2024 година се избра евро – комесарот за работни места и социјални права, Николас Шмит.

Конгресот на кој присуствуваа претседателите на европските социјал-демократски партии беше одлична можност да се слушнат и дискутираат политиките на партиите на европските социјалисти, како најголема прогресивна сила во Европа а со кои ќе настапат на следните избори. Јасна беше и пораката дека целта е слободна фер и безбедна демократска Европа, со гарантирани права за сите.

Исходот од претстојните европски избори е важен за нас како држава, за поддршка на започнатиот европски процес на Македонија, бидејќи ние немаме друга алтернатива, освен интеграција во ЕУ. Тоа значи економска перспектива, социјална правда,  демократија и функционално владеење на правото.

Токму победата на СДСМ на изборите ќе значи продолжување по европскиот пат, кон подобар животен стандард за граѓаните и економски развој, кон унапредена демократијата, владеење на право, слобода на медиумите, социјална вклученост.

Заклучокот од средбите со Шолц, Фредериксен и Санчез, е дека Македонија треба да го продолжи европскиот пат, бидејќи забрзувањето на интегративните процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност и на нашата држава и на целиот регион.

СДСМ како партија е подготвена,  и јас лично сум подготвен и решен да ја внесам Македонија во ЕУ до 2030 година, тоа е нашата цел која имаме должност да ја исполниме – амбициозна, но реална и остварлива“.