Ковачевски му нуди на Мицкоски премиерска функција во техничката влада

Она што се случува во моментов и наводните „конечни позиции“ на ВМРО-ДПМНЕ премиерот го нарече дијалог за обединување


Фото: Б. Грданоски

 

Нова лидерска средба нема да има – порача денес премиерот Димитар Ковачевски на брифинг со новинарите, тврдејќи дека позициите со кои тој и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ  излегле од последната средба биле јасни и прашањето сега е дали Христијан Мицкоски сака или не да остане во процесот.

Тој најави дека наредните денови иницијативата за уставни промени ќе дојде во Владата и реално е да се очекува дека до крајот на овој месец ќе стигне во Собранието, но најави дека му се остава простор на ВМРО-ДПМНЕ да се консолидира околу позициите – бидејќи прес- конференцијата на Мицкоски минатата средба била шок за нив. Тоа што се случува во моментов тој го нарече дијалог за обединување, а на скептицизмот на новинарите кои не гледаа промена на ставот кај ВМРО-ДПМНЕ тој посочи на две постигнувања. 

„Не постои веќе разговор за содржината на уставните измени, и тоа е огромна придобивка. Не се спори исто така усвојувањето на уставните измени. Во моментов сме на позиција дека тие две прашања не се спорни и останува како клучно прашањето како да се направат тие уставни измени“, рече Ковачевски, иако напомна дека тоа не значи дека немаат разлики со ВМРО-ДПМНЕ. Разногласието во однос на тоа што го зборува тој и тоа што го зборуваат членови на ВМРО-ДПМНЕ го објасни со фактот дека два часа пред лидерската средба имаа прес конференција со друга порака, а Мицкоски дошол со заверени нотарски изјави дека нема да има гласање, па сега се дообјаснуваат. 

Тој јасно отфрли две од барањата на Мицкоски на средбата – да се прави влада без ДУИ и да стапат во сила уставните измени откако Македонија ќе стане членка на ЕУ. 

„Сме гледале вакви сценарија на Балканот – ова е добро, ова не е, тие да останат надвор… Тие сценарија се дестабилизирачки, а Алијансата за Албанците и Беса веќе рекоа дека нема да учествуваат во нив. На ВМРО-ДПМНЕ така ќе му останат сите места што ги држат сега албанските партии, практично сите ќе излезат од владата, а јас повеќе од пет министерски места не земам за СДСМ“, карикираше Ковачевски со позициите на Мицкоски.

Тој потсети дека ДУИ најавиле подготвеност да се откажат и од „Албанец прв премиер“, нудејќи му на Мицкоски тој да биде тоа, а лично не се повлекува од премиерската функција до техничката влада бидејќи стои како иницијатор за уставните измени, но ако некој од ВМРО-ДПМНЕ сака да биде иницијатор – со задоволство ќе му ја отстапи и таа позиција. 

„Работата во Собранието е поконструктивна. Нема веќе ‘предавници ни бранители’. Тоа заврши“, порача Ковачевски до тие што сѐ уште не веруваа дека ВМРО-ДПМНЕ оди кон уставни измени. Ако Мицкоски сепак не попушти тој наведе дека ќе се разговара директно со сите пратеници, но колку верува во промената покажа со најавата дека ќе ја повлече тужбата против пратеник на опозицијата за такви квалификативи, бидејќи сега се „братски“. Тој ги отфрли сугестиите дека оди на блеф и не верува во промените, порачувајќи дека прва лекција што ја добил била – да не оди на блеф,  зашто може да не му успее.    

Околу барањето да се одложи примената на уставните измени тој рече дека се согласил тоа да биде само до втората меѓувладина конференција бидејќи така е во рамките на Преговарачката рамка, а над тоа – таа веќе нема да важи. 

„Мислите тоа нам не ни текна? Тоа беше нашата почетна позиција во преговорите, но за три години, колку што траеја тие, не добивме поддршка бидејќи за Бугарија тоа беше далечна гаранција. Потоа ни беше најбитно да нема нови услови за влегувањето во ЕУ“, дополни вицепремиерот Бојан  Маричиќ, кој забележа дека не треба од сериозен  процес да се прави политичка сплетка.

Според него, целта е да ги продолжиме преговорите со одржување на втората меѓувладина конференција во декември или во јануари, бидејќи во спротивно ќе изгубиме три години. На тврдењата дека никаде во заклучоците на ЕУ не стои кога да почне примената на уставните измени тој посочи на делот во заклучоците во кои се поздравува преземената обврска да се направат измените до крајот на скринингот и во Протоколот каде се споменува дури и усвојување на уставен закон за нивна примена пред втората меѓувладина конференција. 

Запрашан кои министерски позиции ќе ги даде на ВМРО-ДПМНЕ ако влезат во владата Ковачевски рече дека не се стигнати до таа фаза, но посочи дека во работната група што ја формираше СДСМ за преговарање на деталите од договорот се вклучени Миле Зечевиќ, Јован Митревски, Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ, но нивниот прв обид да остварат средба не бил позитивен.

Ако нема договор, ќе има избори во редовен термин, порача Ковачевски, посочувајќи дека нема откажување од уставните измени и ќе продолжат разговорите со сите пратеници. Не гледаше ни логика така да заврши процесот, порачувајќи дека единствени што понудиле некаква друга алтернатива за државата место ЕУ се Левица, но нивната идеја за влез во Евроазиската заедница ја оцени како глупост бидејќи – таму граѓаните имаат понизок стандард од нас.

„Ќе беа ли Полска, Чешка, Словачка и Бугарија волку развиени ако не беа членки на ЕУ?“ – праша Ковачевски, посочувајќи дека пред да влезат во ЕУ имале 6 до 10 пати понизок стандард од нас, а сега сме зад нив. Тој нагласи дека не се работи само за иднината на државата туку и за брзината со која ќе се движиме кон ЕУ и дека Македонија има шанси да стане раскрсница на Балканот со изградба на коридорите и гасоводите и брзо да фати чекор со овие земји, па и да надмине некои од нив. 

Од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ брзо возвратија дека „немаат намера да учествува во лицитациите на Ковачевски, Османи и Груби“, дека имаат јасни позиции и од нив не се поместуваат.

„ВМРО-ДПМНЕ има премногу јасни позиции и од тоа нема поместување. Несериозно е продолжувањето со лицитации, кое само покажува дека СДС ниту биле искрени, ниту пак имаат намера да ги заштитат националните интереси, ниту пак вистинска интеграција. За нив ова е борба за функции и за преживување и одбегнување на кривично гонење.

Ковачевски треба да знае дека функциите ниту му се во џеб, ниту тој е тој која дава или зема, тоа го прави само народот на избори“, порачаа од партијата.