Ковачевски – Лајчак: Итни преговори со Македонија


 Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, на Економскиот форум Делфи во Грција, оствари средба со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Актуелната кризна состојба во Европа предизвикана од руската воена агресија врз Украина, што Северна Македонија ја осуди како брутално кршење на меѓународното право и го дава својот придонес во организирање ефикасна помош за украинските бегалци и во зајакнување на источното крило на Алијансата како одговор на можни непредвидени ситуации, биле во фокусот на разговорите на средбата.

Премиерот Ковачевски и специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак, како што соопштија од владината прес-служба, се согласиле дека војната во Украина предизвикува негативни последици за стабилноста на Европа и посебно за Западен Балкан. При тоа, било посочено дека соодветна реакција на овие последици е забрзувањето на процесот за интеграција на земјите од регионот и итни преговори со Северна Македонија како приоритет.

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски на средбата со Лајчак посочил дека во дијалогот Скопје-Софија има напредок за кој е неопходна поддршка од Брисел за да се дефинира преговарачката рамка и да се постави цел за колку што е можно побрзо одржување на Првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со Европската комисија како почеток на процесот за затворање на поглавјата за членство во ЕУ.