Ковачевски: Клучна цел ќе биде креирање на забрзан и одржлив раст, приоритет заштита на стандардот

Мандатарот во експозето пред пратениците во Собранието најави и интеревентни мерки за заштита на стандардот на граѓаните, а меѓу првите зголемување на пензиите


Мандатарот за нов премиер Димитар Ковачевски во воведнот експозе пред пратениците во Собранието истакна дека клучна цел на економската политика на Владата ќе биде креирање на забрзан и одржлив раст на економијата и пораст на БДП со забрзување на стапките на економски раст на среден рок од 2,5 отсто, на 5 отсто просечен раст, притоа одржување на фискалната стабилност преку мобилизирање на капитал од приватниот сектор како дополнување на финансиските средства од буџетот и задолжувањата. 

„Немаме време, мора да се работи и не бараме 100 дена грејс-период за новата влада заради запознавање со проблемите, влегуваме во жарот на проблемите“, нагласи Ковачевски.

 

„Темелот на сите економски политики е остварување на високи и континуирани стапки на економски раст, базирани на солидно воспоставената основа во изминатиот мандат на Владата и очекувањата за зголемувањето на обемот и имплементацијата на домашни и странски инвестиции, инвестиции во јавни и приватни проекти, како и значајно зголемување на ефикасноста во реализацијата на капиталните инвестиции“, рече Ковачевски.

Собраниската седница за избор на нова влада почна во 11.30 часот. Во обраќањето пред пратениците Ковачевски посочи дека врз основа на народната волја е формирано ново парламентарно мнозинство и дека новата влада што ќе ја предводи ќе има целосен, формално правен и институционален, како и политички легитимитет. 

Тој посочи дека енергетската криза и цените на енергенсите на светските пазари претставуваат голем предизвик за економијата на која новата влада ќе одговори решително со мерки во насока на обезбедување потребна енергија за да нема рестрикции, ублажување на ефектот на цените на електрична енергија во регулираниот пазар, како и финансиска поддршка за енергенси за социјално загрозените категории граѓани.

„Одржувањето на животниот станард и куповната моќ на населението мора да се задржи и зголеми. За тааа цел една од првите мерки ќе биде поддршка на пензионерите преку посебно зголемување на пензиите“, рече Ковачевски, додавајќи дека влаата ќе остане посветена и на постојниот модел на редовно зголемување на пензиите.

 

„Владата ќе поддржи раст на вкупните активности на бизнис секторот преку воведување нови начини на финансирање и пристап до капитал. Очекуваме значакјно а се зголемат капиталните инвесстиции и извозот“, рече во експозето Ковачевски.

Тој се осврна и на мерките што новата влада ќе ги преземе во делот на енергетиката, со цел да се зголеми производството од домашните капацитети за да се намали потребата од увоз на скапа електрична енергија.

„Владата ќе спроведе стратегија која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдувањето на енергенси и одржливост на енергетскиот систем. Фокусот на обновливите извори на енергија и ефикасното искористување на расположливите природни ресурси, како што се сонцето, ветерот и водата претставуваат основа на македонската енергетска револуција“, рече Ковачевски.

Тој потенцира дека со зголемување на домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови зелени енергетски инфраструктурни проекти е вистинскиот пат кон обезбедување на енергетската независност на Република Северна Македонија.

„Во овој контекст, заштита на животната средина останува врвен приоритет бидејќи тоа значи обезбедување на здрава и сигурна иднина на следните генерации. Се залагаме за долгорочен одржлив развој што се темели на грижливо користење на природните ресурси“, заклучи Ковачевски.

Тој нагласи дека пред сите нас е исправена шанса во наредните 2,5 години да се посветиме на реалните проблеми на граѓаните, на компаниите, да ја зголемиме вработеноста и да испорачаме резултати во борбата со криминалот и корупцијата.

„Наша обврска е да направиме не се купуваат билети за заминување од Македонија, туку да ги ангажираме работно граѓаните, но и да го модернизираме здравството и образованието“, рече Ковачевски.

Тој во експозето го поддржа концептот „Едно општество за сите“ и додаде дека Охридскиот договор претставува додадена вредност на македонската демократија. Во однос на членството во НАТО,КОвачевски нагласи дека е обезбедена сигурност на државата, како и дека како стратегиска цел останува членство во Европската унија.

Ковачевски во експозето се осврна и на проблемот со Бугарија при што рече дека историјата треба да им се остави на историчарите, како и дека идентитетските прашања се темели на народот и државата.

„За Владата нема дилеми, никој  нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдена специфичност и уникатност на македонскиот јазик. Преговорите со Бугарија ќе продолжат и ќе продоложиме да ги развиваме добрососедските односи“, рече Ковачевски.

Ковачевски најави дека Република Северна Македонија ќе продолжи со добрососедска политики и засилена соработка со сите соседни земји.
„Разговорите со Република Бугарија ќе продолжат и ќе се интензивираат, бидејќи ние сме пријателска земја која развива добрососедство и бидејќи имаме исклучителен стратешки интерес да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ. Владата ќе продолжи исто така да ги одржува и развива добрососедските и пријателски односи со сите свои соседи, постојано иницирајќи нови програми и проекти за поврзување на граѓаните преку иницијативи како што е „Отворен Блакан“, заклучи Ковачевски. 
Мандатарот Ковачевски порача и дека никогаш нема да ги дели ниту граѓаните, ниту министрите на „ваши и наши“. 

„Доста им е на граѓаните од препукувања низ партиски соопштенија. Промени мора да има во политиката, затоа што народот очекува решенија. Политичарите мора да разговараат и да слушаат пораки. Мора три пати да мериме, еднаш да сечеме“, рече Ковачевски во обраќањето пред пратениците додавајќи дека ќе разговара со опозицијата, со интелектуалците, со сите кои можат да дадат придонес за нашиот заеднички дом, но дека ссепак, најголема е одговорноста на Владата.