Ковачевски ќе одлучи за идниот министер за одбрана, вели Шекеринска

Според Радмила Шекеринска, во одбраната секој ден ја покажувате сликата дали сте држава на која може да се верува


 

Одлуката кој ќе биде новиот министер за одбрана уште не е донесена и за тоа треба да реши мандатарот за новата влада, Димитар Ковачевски. Така денес одговори министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и нагласи дека според нејзините информации за тоа сѐ уште нема одлука.

Според неа, постои една црвена линија која не треба да се минува, а тоа е да се сугерира кои би биле следните кандидати што би можеле да дојдат на ова место.

„Ова е задача на мандатарот. Јас ги пренесов моите размислувања дека се работи навистина за чувствителен сектор, сектор во кој не важат само домашните правила за одговорност, туку важат и НАТО правилата на одговорност“, одговори Шекеринска на новинарско прашање дали има некој профил на човек кој би требало да ја преземе оваа функција, дали имала консултации и од партијата дали побарале нејзино мислење кој треба да седне на ова министерскто место.

Според неа, во одбраната секој ден ја покажувате сликата дали сте држава на која може да се верува, држава која стои до кажаното, дали сте партнери или сојузници чиј збор вреди.

„Тука нема дилеми и на мандатарот му е јасно дека ќе биде потребен таков кандидат, таков министер, кој нема само да ја познава областа, бидејќи тоа е област што е навистина поспецифична, туку ќе биде спремен од првиот ден да ги испорачува обврските што ги имаме како НАТО членка, но и што ги имаме пред своите граѓани“, изјави Шекеринска, која денеска изврши увид во градежните работи на објектот каде е сместен Секторот за воена безбедност и разузнавање во касарната „Гоце Делчев“.

Таа наведе дека го завршува мандатот со добри вести и тоа прво дека буџетот продолжил да расте, секоја година за 0,2 процентни поени и дека релативно брзо има шанси да се донесе законот за служба во Армијата.