Ковачевски ќе оди на Генералното собрание на ОН


Премиерот Димитар Ковачевски ќе ја предводи македонската делегација што годинава ќе учествува на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Според најавите од ОН, делот за обраќање на премиерите и претседателите е резервиран од 20 до 26 септември. 

Минатата година во ОН се обрати претседателот Стево Пендаровски, а поради начелно договорениот принцип за ротирање, годинава таа задача му припадна на премиерот.

Годинашното Генерално собрание ќе биде во знакот на војната во Украина околу која Обединетите нации не се покажаа многу ефикасни, ниту да ја спречат ниту да ја следат , пред се поради многуте обвинувања за воени злосторства и масовното бомбардирање на цивилните цели. Што ќе има во обраќањето и во агендата на нашиот премиер е рано да се каже, но тоа ќе биде прв меѓународен настан од ваков формат на кој треба да учествува и рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров.