Ковачевски ја поднесе кандидатурата, не ја коментираше „другарката“ Ременски


Заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски, поднесе кандидатура за претседател на СДСМ заедно со програма за економските политики и систем за унапредување само на лица со одговорност. Прашан за кандидатурата на Фросина Ременски, тој не сакаше да коментира и рече дека тоа е потврда за демократските капацитети на СДСМ.

„Мојот интегритет и работење ќе го потврдам преку работењето, политиките и одлуките доколку бидам избран за претседател на СДСМ“, рече Ковачевски на прашањето дали Зоран Заев ќе влијае врз носењето на неговите одлуки доколку победи на партиските избори.

Тој повика и побара поддршка од членовите, но и граѓаните.

„Согласно роковите ја поднесов програмата, согласно визијата и програмата ‘Заедно, одговорно и посветено’. Програмата се базира на три столба – социјалдемократска визија, социјалдемократски вредности од кои извираат принципите и резултатите, економски раст, односно посветеност кон економските политики и зголемување на стандардот кај граѓаните и, како трето, фер шанса и јасен систем со одговорности каде најдобрите ја добиваат одговорноста за унапредување на системот. Ќе работам и на унапредување на партиската демократија и организација. Ги повикувам членовите на партијата, но и граѓаните да ја прочитаат програмата, за да видат и за активностите кои ќе бидат преземени се со цел СДСМ да  извојува  победа на следните парламентарни и претседателски избори“, посочи Ковачевски.

Прашан за мислење околу кандидатурата на Фросина Ременски, тој рече:

„ Toa го потврдува демократскиот капацитет на СДСМ. Секој што ги исполнува критериумите, може да се кандидира. Јас нема да коментирам за другите кандидати, со кои сме другари и другарки. Ќе се посветам на промоција на мојата програма“.