Ковачевски и Шарл Мишел разговараа за уставните измени

Премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска телефонски разговараа за евроинтеграцискиот пат на Македонија, спроведувањето на потребните реформи и уставните измени.
Ковачевски, како што соопштува владината прес-служба, ја истакнал решителноста на Владата да работи на отворање на првиот кластер од преговорите до крајот на годинава и го запознал Мишел за формирањето на експертската работна група во Министерството за правда задолжена за подготовка на уставните измени.
Ковачевски изразил надеж дека сите политички фактори во земјата кои ја поддржуваат европската интеграција ќе бидат на висина на нивната одговорност и должност кон граѓаните и ќе придонесат во обезбедување европска иднина за земјата.
Мишел ја нагласил поддршката на Европската унија на Македонија на евроинтеграцискиот пат и изразил задоволство од досегашниот одличен тек на процесот на скрининг. Тој ги поздравил активностите на Владата во доменот на спроведување на европската агенда и укажа на важноста на реализација на следните чекори, за кои земјата ја има силната поддршка на ЕУ.
На разговорот присуствувал и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.