Ковачевски и Пендаровски ѝ се заблагодарија на Вајмарската тројка за поддршката за Македонија


 

Премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски денеска им се заблагодарија на претставниците на таканаречената Вајмарска тројка (Франција, Германија и Полска) на поддршката што овие земји ѝ ја даваат на македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.

Во изменета агенда од вообичаената за време на слични посети, министрите за Европа на трите земји, Лоранс Бун, Ана Лирман и Шимон Шинковски вел Сенк беа кај Ковачевски и Пендаровски откако прво одржаа прес-конференција, а потоа се сретнаа со раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

На состанокот кај премиерот, според соопштението од владината прес-служба, била изразена јасна и силна поддршка на Македонија за продолжување на преговорите со ЕУ и забрзани евроинтеграции.

Оценето е дека нашата држава во овој момент е пред неповторлива шанса да го направи клучниот исчекор во европските интеграции и да ја осигура европската перспектива, со можност за полноправно членство во Европската унија до 2030 година.

Заеднички било посочено дека проширувањето на Унијата, посебно во актуелниот контекст, не е само техничка процедура, туку геополитички приоритет на ЕУ.

Затоа, изразено е недвосмислено очекување, сите политички субјекти во државава да ја потврдат европската ориентација, со тоа што во Собранието ќе дадат поддршка на претстојните одлуки кои се дел од преговарачката рамка.

Премиерот Ковачевски се заблагодари на претставниците од Вајмарската тројка за огромната поддршка на евроинтеграцискиот процес што ја имаат македонските граѓани и силното охрабрување до сите партии претставени во парламентот, да продолжат да работат конструктивно на изградбата меѓупартиски консензус за слединиот чекор во преговарачкиот процес.

На средбата кај претседателот на државата Пендаровски истакнал дека државата останува посветена на започнатиот преговарачки процес и на спроведувањето на сите неопходни реформи. Тој посочил дека членството во ЕУ е наш стратешки интерес и неопходна е силна политичка волја од страна на сите политички фактори со цел исполнување на преземените обврски.

Покрај неопходните уставни промени, беше нагласена важноста од владеење на правото, изградба на функционална правна држава, како и поуспешна борба со организираниот криминал и корупција.