Ковачевски и Борел: Потребно е европско решение за почеток на преговорите
Премиерот Димитар Ковачевски за време на еднодневната работна посета на Брисел се сретна со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел. Во разговорот и двајцата ја истакнале потребата за брзо делување и за остварување на стратешкиот интерес и придобивка на ЕУ од проширувањето со Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан како приоритет за европската безбедност, соопштија од Владата.
Во таа насока било нагласено дека е време за изнаоѓање на достоинствено европско решение за деблокирање на почетокот на пристапните преговори за Северна Македонија. За време на разговорот било нагласено дека Владата останува посветена на реформите и нивната имплементација во борбата против корупцијата, владеењето на правото, дигитализацијата и зелената агенда.
Ковачевски оствари средба и со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак. За време на разговорот тие се согласиле дека војната во Украина наметна неопходно забрзување на процесот за интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ и итни преговори со Северна Македонија како приоритет. Ковачевски му пренел на Лајчак дека Скопје очекува да се дефинира преговарачката рамка за колку што е можно побрзо одржување на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ.
Причината за посетата на македонскиот премиер на Брисел е заедничката средба на лидерите од Западен Балкан со Борел. На неа се очекува да се разговара главно за руската инвазија на Украина и односот на регионот кон Москва. Се разбира, и за проширувањето на ЕУ.