Ковачевски го повика Судскиот совет да пријави ако некој им се меша во работата

Мицкоски ги оцени случувањата во Судскиот совет „вандализам, девалвирање, багабонтство на отворена сцена и процес што ја срами Македонија“


 

Во првата реакција на скандалозните настани во Судскиот совет премиерот Димитар Ковачевски денеска ги повика судските органи да пријават доколку некој им се мешал во работата. За себе рече дека никогаш немал состанок со претседател на суд ниту со претседател на Судски совет.

„Јас лично за мене можам да кажам никогаш не сум имал ниту еден состанок со ниту еден претседател на суд, ниту со претседател на Судскиот совет бидејќи судовите се независни, судската власт е независна, извршната власт е независна и законодавната власт е независна. Секој мора да си ги извршува работите во рамките на своите надлежности. Дали некој им се мешал тоа ќе треба самите да го пријават низ соодветна процедура“, рече премиерот Ковачевски.

Според него, сцените од разрешувањето на претседателката Весна Дамева не доликуваат на највисокиот орган во правосудството.

„Министерот за правда вчера имаше соопштение во кое го даде мислењето кое и јас го делам. Тој побара во рамки на своите надлежности да го видат во Министерството за правда записникот од самата седница. Она што останува е правосудните органи на ниво кое што е потребно да ја извршуваат својата работа“, вели премиерот Ковачевски.

За овие настани денеска зборуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој ги оцени случувањата во Судскиот совет „вандализам, девалвирање, багабонтство на отворена сцена и процес што ја срами Македонија“.

„Јас ќе ја прашам македонската јавност и ќе ја прашам Владата – дали оваа штета што се одвива на отворена сцена во судскиот совет кој што треба да биде орган над сите органи практично тоа е и мајка и татко на оние кои што треба да се грижат за владеењето на правото, за борбата против криминалот и корупцијата, дали ова што таму се случува нема да нанесе трајна штета во нашите односи со ЕУ затоа што знаеме дека една од темелните вредности на ЕУ е токму владеењето на правото и борбата против криминалот и  корупцијата“.

Седницата за избор на нов претседател на Судскиот совет вчера беше одложена со образложение дека недостасува еден член, а кога се работи за избор на претседател, телото треба да гласа во полн состав иако со еден член помалку претходниот ден од функцијата беше разрешена Дамева. Нов обид за избор на претседател на Судскиот совет е закажан за 2 мај.