Ковачевски го повика Петрушевски надвор од Парламентот да го обвинува за злоупотреби

Премиерот Димитар Ковачевски го повика пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, обвинувањата за наводни злоупотреби што ги изнесува против него – да ги каже надвор од парламентарната говорница, каде што е заштитен со имунитет, па ако е сигурен во тао што го тврди, да го докаже на суд.
Ваквата реплика се случи на денешната седница со пратенички прашања во Собранието каде што Ковачевски беше повикан да даде одговор зошто ги крие функционерите што кријат имот и дали можеби и тој самиот има непријавен имот, а во врска со аферата што ја објавуваат деновиве. Според Петрушевски криењето на имот од над сто функционери не може никако да е случајност, туку тука постои основано сомнение дека се работи за системско криење на имот.
„ Веќе четврти ден наместо одговорност и оставки од функционерите, гледаме бледи соопштенија и обиди за маргинализирање на случајот. Доколку не станува збор за системско криење, тогаш Ковачевски треба да побара пресек од Антикорупциска комисија на сите функционери кои не пријавиле имот и истите да ги разреши веднаш затоа што не го почитуваат законот“, рече Петрушевски.
Откако му возврати дека ВМРО-ДПМНЕ е синоним за криминал и дека трипати го менувале урбанистичкиот план за да изградат седиште на партијата со пари на граѓаните, Ковачевски посочи дека сите што не поднесувале досега анкетни листови биле санкционирани, така што нема пречка, ако се утврди и за овие што ги објавува опозицијата дека не ја испочитувале обврската, законски да се казнат.
„Секој функционер, без разлика од која партија доаѓа, без разлика на која функција е поставен, и без разлика на кое ниво е во државната управа, има должност согласно со Законот за спречување на корупција да достави имотен лист за се она што поседува до Државната комисија за спречување на корупцијата, којашто потоа јавно го објавува. Сите оние што не го направиле тоа во законскиот рок, треба да бидат санкционирани согласно со законот и согласно со процедурите и законите врз основа на коишто работи ДКСК. И од тоа никој никогаш не добил заштита, ниту од мене, ниту од кој било член на Владата, бидејќи се што е предвидено согласно со закон треба да биде изречено како санкција“, порача Ковачевски.
Притоа, тој објави дека самиот барал од ДКСК да ги провери обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ на негова сметка, а пред се тие околу давањето државна помош и пари од Фондот за иновации на компанијата „Пиксел груп“, во која пред да стане премиер бил косопственик. Во тој контекст тој објави исто така дека преку адвокати барал ВМРО-ДПМНЕ да му се извинат за клевета или да го докажат тоа, порачувајќи дека зад себе има 20-годишна кариера во приватниот бизнис и дека се што стекнал најтранспарентно објавувал, па може да се најде и во медиумите.
„Вие фабрикувавте една афера, која нема никаква основа, затоа што вашата политичка партија, вашиот претседател и вашиот градоначалник на Град Скопје, се најдовте во средиште на огромна афера која сами си ја извадивте пред граѓаните, во која себеси се обвинувавте кој какви тендери местел во „Водовод“ – Скопје и кој какви вработени вработувал, без ниту една друга политичка партија да ви се меша. Јас тогаш кажав и сега кажувам – врз основа на сите закони во државата, јас побарав од адвокати да постапат во согласност со сите законски одредби во тој дел и поднесено е барање до пратеникот кој јавно зборуваше по прес-конференции невистини да се извини, во спротивно постојат закони за тоа што го зборуваше, да го докаже на суд, а исто така на мое барање, до ДКСКС е доставено се ова што тој го зборуваше, да се провери“, возврати Ковачевски.
На тврдењето на Петрушевски дека уделот во фирмата „Пиксел груп“ го подарил за да не плати данок и дека го подарил на кумот за да се врати подоцна кога нема да биде премиер, Ковачевски возврати со тврдење дека сите сретства од фирмата ги повлекол пред да стане функционер, дека бил директор, извршен директор и на други високи позиции во компании кои работеле според закон и, ако собере колку даноци и придонеси платиле од неговата компанија, ќе се засрами.
Во репликите се вклучи и претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, која посочи дека Владата и другите институции треба да ги известуваат за сите што се именувани од неа на функции и дека тоа не го прави редовно. Таа потсети исто така дека непријавен имот не се третира како кривично дело туку како прекршок за кој е одредена парична казна, но нагласи дека ако нивните проверки покажат дека некој што веќе бил казнет повторно не поднел лист за имотната состојба – тоа го сфаќаат како сигнал да започнат истрага.
-Сензационалистички и политички повици не влијаат на нашата работа. Ние работиме по предмети, затоа ако имате – пријавете случаи, му порача Ивановска на Петрушевски.
Таа кажа дека минатата година, кога имало повеќе разрешувања и именувања, ДКСК направиле акција и тогаш излегле 710 функционери кои не поднеле анкетен лист и оти за сите тие се покренати постапки, околу 400 се завршени, а за останатите постапката се уште трае.