Вархеи: Опозицијата тврди дека е за европска иднина. Сега треба да го докаже тоа
Загревањето емоции нема да ја носат земјата напред. Емоции кои нема да решат ништо значајно за земјата, ѝ порача еврокомесарот на опозицијата
(Од нашиот известувач во БРИСЕЛ) – „Имав огромна чест да се обратам денес на македонски јазик пред 27 земји членки на ЕУ. По 17 години се отвора процес на преговори со ЕУ. Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен“, порача од заедничката прес-конференција со еврокомесарот Оливер Вархеи и чешкиот шеф на дипломатијата, Јан Лепавски, нашиот премиер Димитар Ковачевски.
„Денешниот ден е историски ден за нас, долгоочекуван и заслужен. Донесовме тешки одлуки кои бараа лидерство, храброст и мудрост. Ја донесовме конечната одлука со која обезбедивме зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет и јазик. Ова е обезбедено засекогаш. За овие нешта не се преговара ниту ќе се преговара“, порача Ковачевски, додавајќи дека со јасен поглед кон иднината одиме напред.
Еврокомесарот Вархеи посочи дека оваа денешна меѓувладина конференција е крај на еден долг процес и почеток на нова фаза во односите на Македонија со Унијата за која изрази надеж дека – ќе трае пократко.
Поради скептицизмот околу преговорите кај нас, Вархеи порача дека нѐ сакаат во ЕУ, дека нема сомнеж околу тоа и дека Европската комисија ќе направи сѐ да се забрза процесот на пристапување.
„Ова попладне ќе почне скринингот. Уверени сме дека ќе работиме брзо и ефективно низ преговарачкиот процес. Знам дека досега не беше лесно, но одлуката ја донесовте на најдемократски начин во парламентот“, забележа Вархеи околу гласањето за францускиот предлог кај нас.
Околу дилемата што ако опозицијата одбие да ги гласа уставните промени, Вархеи ја повика да го докаже тоа што го тврдела досега – дека го поддржува евроинтегративниот пат на Македонија.
„Уставните промени мора да се случат и се надевам дека сите политички партии, вклучително и опозицијата, ќе работат на европската иднина и нема да почнат со контроверзии и нема да ги загреваат емоциите. Емоции кои нема да ја носат земјата напред. Емоции кои нема да решат ништо значајно за земјата. Затоа ја повикувам опозицијата, иако видовме дека политичката пристојност и европски вредности беа заобиколени во дебатата. Но, се надевам дека со оваа одлука денеска ќе ја свртиме страницата и ќе го направиме она што е потребно за Северна Македонија брзо да стане членка на ЕУ. На сите средби што ги имав со нив досега тие тврдеа дека се посветени на европската иднина на земјата. Па, нека го докажат тоа!“, рече Вархеи.
На оваа тема премиерот Ковачевски рече дека слушнале сѐ и сешто во парламентот изминатите денови, вклучувајќи и недолични зборови од страна на некои политичкин партии од опозицијата.
„Меѓутоа мнозинството граѓани претставни преку своите претставници во парламентот ја донесоа одлуката со која благодарение денес попладне започнува скрининг процесот. Одговорност е на пратениците од опозицијата да учествуваат во оваа дебата и понатаму. Ние кажавме дека ова е првиот чекор и дека има многу чекори поинатаму до финалното зачленување во ЕУ. Собранието го донесе првиот чекор и Собранието е местото каде што треба да биде донесен и вториот, и третиот, четвртиот чекор до финалното зачленување во ЕУ. Одговорност на секој политичар е да мисли за иднината на државата и за иднината на идните генерации. Не смее политичар да мисли само на својот личен рејтинг и на својата политичка кариера. Ние се водевме од иднината на државата и донесовме одлука која ќе овозможи иднина и просперитет на државата. Верувам дека сите пратеници во Собранието ќе бидат одговорни и ќе бидат во служба на граѓаните. Затоа што денес паднаа во вода сите манипулации, сите шпекулации. Сѐ она што беше кажано, не беше вистина. Денес Македонија одржа прва меѓувладина конференција. Денес јас говорев на македонски јазик. Денес потпретседателот на ЕК зборуваше дека нашиот идентитет ќе стане посилен во ЕУ. Денес држам прес-конференција на македонски јазик. Денес на правата меѓувладина конференција сите земји членки го поздравија нашиот прв чекор кон полноправно членство во ЕУ. Одговорност е на сите политичари во државата да го поддржат тој пат, затоа што тоа е единствениот пат за РСМ кон градење на поуспешна, демократска, просперитетна иднина. Друга алтернатива нема“, рече премиерот.
По прес-конференцијата се планираше во 16 часот да почне официјално скрининг процесот за земјата , а во текот на денот и да се објави унилатералната изјава што Македонија ја приложи како одговор на бугарската на Преговарачката рамка. Меѓу учесниците на денешната меѓувладина конференција беше и преставник од Бугарија, кој изјавил дека му е задоволство што се создале услови да се одржи првата меѓувладина конференција и дека тоа барало ангажман, зрелост и подготвеност за компромис, со заклучок дека францускиот предлог бил резултат на компромис направен од двете страни.