Ковачевски ги нарече небулози тврдењата за редефинирање на државата
Небулози и замајување на јавноста – ова е оценката на премиерот Димитар Ковачевски за обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ. поточно лидерот Христијан Мицкоски, дека работната група за уставни измени подготвува редефинирање на државата и претворање во бинационална. Според него и претходно опозицијата заплашувала со кантонизација, прифаќање мигранти и друго.
„Кажуваа дека со гласањето на францускиот предлог ќе сме станеле бугаризирани и асимилирани и дека ќе сме го изгубеле македонскиот јазик. Ништо од тоа не се случи и во низата лаги ова е сега најновата“, рече Ковачевски.
Ковачевски додаде дека задача на работната група за уставни измени е составување на нацрт-амандмани за вклучување на Бугарите во Преамбулата.
Се поизвесно е дека работната група нема да расправа и за замена на терминот „20%“ со „албански јазик“. Претседателката на групата, Маргарита Цаца Николовска изјави дека тие немаат мандат за разгледување други теми. Од партиите во владејачката коалиција, СДСМ и ДУИ досега истакнаа дека фокусот треба да е само на вклучувањето на Бугарите, но Арбен Таравари претходно рече дека ќе се заложи за промена на терминот „20%“, а исто бара и „огнена група“ на ДУИ.