Ковачевски ги барал менаџерските договори на јавните претпријатија, му рекле – дека се тајна

Премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за ТВ 21 истакна дека е отпочнат процес за реформа во администрацијата и дека веќе има пилот министерства каде што ќе започне реорганизација и унапредување на процесите.
„Веќе е отворен процес на усогласување на општиот колективен договор со цел дефинирање прво на износ на средства кои што ќе бидат искористени за зголемување на платите, како и нова методологија за пораст на платите која што ќе овозможи и зголемување на продуктивноста во јавниот сектор“, рече Ковачевски.
„Тоа не значи априори дека некој ќе го загуби работното место, меѓутоа во секој случај значи оптимизација, значи унапредување на работењето, вреднување на најдобрите, зголемување на перформансите, бидејќи вие можете да барате цело време поголема плата, меѓутоа таа треба да биде поддржана со одредени перформанси“, објасни премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски нагласи дека заедно со процесот за постигнување на нов општ колективен договор се работи и на подготовка на нов закон за платите во јавен сектор.
„Во овој момент имаме членови на управни одбори што генерираат загуби, а имаат поголеми плати од претседателот на држава, од претседателот на Врховен суд и од претседателот на Владата. Јас како претседател на Владата побарав да ги достават менаџерските договори кои што ги имаат јавните претпријатија и добивме одговор дека тие биле строго доверливи менаџерски договори. Затоа, Комисијата за економски систем на Владата доби задача да ги обезбеди овие договори со јасна задача: Во период до крајот на годината да се изработи закон за плати, со сите потребни консултации, во кои ќе се знае во јавниот сектор која е највисоката плата и потоа да бидат усогласени другите плати“, посочи премиерот Ковачевски.
Тој дополни дека ова е начин применет во многу европски држави.
„Постои една голема неконзистентност кај платите кај раководниот кадар, меѓутоа и кај вработените во различни министерства. Се користат неревидираните општи колективни договори на различни гранкови синдикати коишто на различен начин ги дефинираат платите. Тоа треба да биде усогласено бидејќи е добро и за вработените, меѓутоа е добро и за зголемувањето на нивото на услуги кои ги даваат на граѓаните. Да не заборавиме платата во јавниот сектор ја плаќаат луѓето од приватниот сектор. Ние имаме 435 илјади вработени во приватниот сектор, кој што им плаќаат плата на 132 илјади од јавниот сектор“, посочи премиерот Ковачевски.
Според медиумските истражувања досега членството во управните одбори ја чини државата околу два ипол милиони евра годишно. Владата на СДСМ во претходниот состав донесе одлука да го намали бројот на членовите на ваквите одбори за да ги намали трошоците, а медиумите објавија дека тие што беа транспарентни земале од 800 денари по одржана седница до 27.000 месечно во МРТВ. Податоци, пак, не дале Телеком, МЕПСО, ЕЛЕМ, ПУИГ, Македонски пошти, Аеродроми, при што според медиумските извештаи досега исплатите на членовите на управните одбори стигале до 70.000 денари месечно.