Ковачевски: Француско-германскиот предлог за проширувањето е позитивен за нас
Премиерот Димитар Ковачевски пред самитот на лидерите на Европската политичка заедница во Гранада, изјави дека Македонија се наоѓа во одлична позиција пред почетокот на расправата за проширувањето – бидејќи веќе ги започна преговорите со ЕУ. Тој исто така оцени дека документот што ќе биде основа за расправата, француско-германскиот предлог за реформи, е позитивен за Македонија и за регионот.
-Утре ќе биде одржан неформален состанок на Европскиот совет на кој ќе се разговара токму на прашања кои се значајни за нас, а тоа се пред сѐ мирот и безбедноста во Европа, поддршката на Украина,но и проширувањето на Европската Унија. Како што најави и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел пред повеќе од еден месец, во рамки на ЕУ веќе се води дебата во однос на подготовката за прием на нови членки од една страна и од друга страна се процесите за пристапување што самите земји членки ги имаат со Европската Унија.
Ние се наоѓаме во одлична позиција со оглед на тоа дека минатата година ги отпочнавме преговорите со ЕУ. Од друга страна ЕУ има стратешки интерес и веќе отворен процес за свое прилагодување што е паралелен во однос на тоа дека ќе треба да функционира во иднина со поголем број на земји од сегашниот. Што значи дека ќе постои динамика и на страната на земјите кандидати за членство, пред сѐ мислам на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија, меѓутоа и динамика внатре во ЕУ во однос на прилагодување на функционирањето на повеќе земји членки.
Веќе на сите им е јасно дека Германија и Франција имаат изработено работен документ којшто и се однесува на тие стратешки промени што треба да се направат. Јас тоа не можам да го коментирам во моментот, бидејќи се работи за работен документ кој не е финален и затоа ќе оставам тие да го комуницираат, иако го имам видено и сметам дека тоа што стои во самиот работен документ е позитивно за нашата држава и за земјите во регионот, рече Ковачевски.