Единствен кој што е во ќорсокак во оваа држава е опозицијата, вели Ковачевски


 

Единствен кој што е во ќорсокак во оваа држава е опозицијата, изјави денес премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање како Владата мисли да го надмине ќорсокакот во Собранието за да може да се донесат законите со кои се предвидени мерки за надминуавње енергетската криза. Тој зборуваше на прес-конференција посветена на енергетиката на која што ги образложи мерките со кои на прехранбениот сектор и на други дејности им се овозможи снабдување струја по поповлна цена од онаа на слободниот пазар. 

„Прво, не е во ќорсокак ниту државата, ниту владата ниту граѓаните. Единствен кој што е во ќорсокак во оваа држава е опозицијата. Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза“, рече Ковачевски, одговарајќи на прашање на новинарите

Тој потсети дека на почетокот на оваа енергетска криза ЕСМ доби задача да го зголеми производството за 25 отсто во однос на минатата година, што и го го оствари, па дури и за неколку проценти над тоа. 

„На регулираниот пазар, значи сите домаќинства и сите мали потрошувачи, се задоволени потребите за електрична енергија 100 процентно од ЕСМ. Притоа, заради тоа што работи со многу стара технологија со РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино кои се од времето на Југославија, исто така има и резерва која што ја обезбеди државата во случај на испад на некој од тие капацитети, да се направи и увоз на електрична енергија“, рече Ковачевски додавајќи дека заради исполнување на планот на производство досега во текот на изминатите неколку месеци не е направен увоз на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар.

„Тоа значи дека она што го постави Владата како план, тоа и го остварува. Второ, да не заборавиме, дека ние немавме ниту еден ден без електрична енергија во државата. Иако, во регионот, имаше држави кои што имаа и по шест часа рестрикции во текот на денот“, посочи премиерот.

Тој се осврна и на делот на снабдувањето со топлинска енергија на Градот Скопје, која е под закрила на ЕСМ откако градските валсти одбија да управуваат со затоплувањето за граѓаните на Скопје.

Што се однесува до кредитот од 100 милиони евра од ЕБОР, кој поради блокадата во Собранието од страна на опозицијата, сега е пренаменет од старна на банката, Ковачевски рече дека тој е обезбеден по најдобри можни услови кои што можат да се најдат во моментот на финансиските пазари.

„Врз основа на одличната соработка која што ја имаме со ЕБОР, но и со другите банки, беше обезбеден кредит само со ЛИБОР каматна стапка, и тој кредит беше блокиран од страна на опозицијата во собранието. Заради неодговорното однесување на опозицијата тие финансиски средства кои стоеја на сметката на банката, ги имаат пренаменето за други намени со што на Македонија ѝ се ускрати од страна на опозицијата да користи исклучително поволни финансиски средства“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека причината која што ја наведува опозицијата апсолутно е невистинита, односно дека со земње на кредитот ќе се затворат енергетските капацитети кај нас.

„Согласно со националната стратегија за енергетика која што е важечка, треба сукцесивно да се затвораат старите капацитети за електрична енергија од лигнит и јаглен, какви што национални стратегии имаат сите европски држави бидејќи тоа е дел од зелениот договор и од стратегијата на Европската унија“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека тие национални стратегии се правени кога немаше војна во Украина и кога немаше енергетска криза.

„Затоа, со писмо од министерот за економија кое што исто така е наведено и во документите кои што се доставени во Собранието, е јасно наведено дека и РЕК Битола и Осломеј и ТЕЦ Неготино ќе бидат дел од ревидирана национална стратегија која што владата веднаш ќе почне да ја подготвував заедно со експерти, при што во истата, како и во сите други држави во Европа работниот век и користењето на овие капацитети ќе биде продолжен“, рече премиерот, обвинувајќи ја опозицијата дека го блокираа кредитот „само заради нивни лични политички цели“.

„Од друга страна, бидејќи ние сме држава која што отвори преговори со Европската унија, која што ММФ ја потврди макроекономската стабилност и добрите политики на владата, добивме кредит од Дојче банк од 250 милиони евра, 50 милиони евра од Ерсте банк и имаме ПЛЛ инструмент со ММФ кој исто така е испратен до пратениците до Собранието, одобрен од ММФ, а дополнително, Европската комисија додели 80 милиони евра грант кој може да го повлечеме во јануари за буџетска поддршка за енергетската криза. Тоа значи дека не сме оставени сами“, рече Ковачевски.