Ковачевски е задоволен од министрите на ДУИ

Премиерот најави дека сака соработката со опозицијата, иако од таму, откако се спомена како мандатар, стигнуваат само потценувања


Новиот премиер Димитар Ковачевски, околу одлуката досегашните министри од ДУИ повторно да бидат во Владата изјави дека тоа го сторил затоа што е задоволен од соработката која ја имал со нив додека ја извршуваше функцијата заменик-министер за финансии.

„Луѓето со кои сум работел никогаш не сум ги дедел на кадри од одредена политичка партија или од одредено време. Секогаш ги вреднувам врз основа на нивните професионални перформанси. Со министрите кои беа дел од владата, а сега се повторно дел од оваа влада, имав соработка како заменик-министер за финансии и можам да кажам дека лично сум задоволен од перфомансите на министрите од ДУИ кои ги предложив“, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање дали се согласува дека кадрите на ДУИ се незаменливи.

Тој беше позитивен и во однос на соработката со опозицијата, иако од таму откако се спомена како мандатар стигнуваат само потценувања. Тој е решен да  воспостави комуникација со лидерот на  ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за да се најдат решенија за проблемите со кои се соочува државата.

„Јас сум застапник и длабоко верувам во партиципативен начин на водење политика, особено во услови кога имаме голема енергетска криза, кога имаме економска криза кој е предизвикана од таа енергетска криза, европска енергетска криза. Исто така, сѐ уште сме во услови на здравствена пандемија и сметам дека сите политичари и сите експерти, без разлика на нивната партиска или политичка провиниенција треба да дадат свој придонес во решавање на овие проблеми. Во таа насока, нормално дека со господинот Мицкоски ќе воспоставиме комуникација и ќе разговараме за сите теми за наоѓање на решенија кои ќе бидат во насока на подобрување на состојбите во сите овие области“, истакна Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има конкретен повик до Мицкоски за лидерска средба.

Посочувајќи ги приоритетите за работа на членовите на Владата, Ковачевски покрај справувањето со енергетската криза,  како исклучително важни ги спомена и задржувањето и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, поддршката на компаниите за совладување на економската криза произлезена од енергетската криза, како и исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти одобрени во Буџетот за 2022 година како и во законските решенија одобрени во Собранието во месец декември.

„Евро-интеграциите како наша стратешка цел секако остануваат меѓу врвните приоритети. Доаѓа ново време. Од денеска секоја минута од нашето време им ја посветуваме на клучните прашања од интерес на граѓаните. Како прв човек на новата Влада за моја задача и одговорност си ја поставив конструктивната комуникација и соработка со сите чинители во нашето општество како што се граѓанските здруженија и претставниците на опозицијата“, рече премиерот Ковачевски, истакнувајќи дека новата Влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на поставените високи цели за кои, како што подвлече е сигурен дека со многу работа и труд ќе бидат реализирани.

На новиот премиер Ковачевски и на министрите успех и исполнување на програмата и приоритетите  им посака поранешниот премиер Зоран Заев на својот Фејсбук профил.