Ковачевски до Мицкоски: „Проблемите на државата се од гастроентерхепатолошка природа поради твоите блокади
Премиерот Димитар Ковачевски реагораше на прозивките од ВМРО-ДПМНЕ за некаква лидерска средба за избори порачувајќи дека попарламентарните избори се дефинирани согласно закон, исто како што се дефинирани и претседателските.
-Во однос на измените на Изборниот закон, и тоа добро го знае претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на Министрството за правда работи работна група што ја предводи господинот Новаковски, којшто е искусен правник и е поранешен член на ДИК. Во таа рабона група учествуваат претставници на сите политички партии освен претставник на ВМРО-ДПМНЕ, по нивна волја, иако кога се формираше работната група не само што беа повикани, туку и беше понудено претседател на комисијата да биде предложен од ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа тие одбија – рече Ковачевски.
Тој додава дека барањето на Мицкоски за лидерска средба е уште едно од, како што вели, низата барања за ставање настрана на институциите во државата, процедурите и законите.
–Во однос на набљудувачките мисии, исто така треба да знае дека штом ќе се распишат изборите, било да се тие претседателски или парламентарни , тогаш се испраќа од МНР барање до ОБСЕ-ОДИХР да испрати долгорочна мисија која што го набљудува целиот процес на подготовка на изборите. А со почетокот на изборната кампања и одржувањето на самите избори, доаѓа теренска набљудувачка мисија што ги надгледува изборите и нивното одржување и потоа поднесува извештај. Па, штом ќе бидат распишани изборите, ќе бидат спроведени и сите овие постапки – рече Ковачевски.
Тој наедно, посочи дека имал лидерска средба со Мицкоски и може да имаат повторно кадешто, според него, ќе учествуваат сите лидери, бидејќи одлуките за избори се носат со консензус.
–Меѓутоа и тоа прашање е апсолвирано веќе, со оглед на тоа дека ние имаме поважен процес во државата од избори, кои ќе бидат во својот редовен термин, бидејќи веќе никој не зборува за предвремени избори. Тоа е носењето на одлуките за продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Што значи дека и таа понуда се уште важи, дека можеме уште во понеделник да закажеме седница на Собранието на која ќе бидат изгласани уставните амандмани и истиот ден да се закажат избори. Зборувам за предвремени парламентарни избори – рече Ковачевски.
Исто така, додаде тој, на маса е и другиот предлог, а тоа е да се отпочне процесот за уставните измени, за ВМРО-ДПМНЕ да биде дел од Владата.
–Да се подготват изборите, притоа да биде завршен и скринингот, да бидат отворени поглавјата од првиот кластер, да затвориме едно или две поглавја и потоа да одиме на претседателски и на парламентарни избори. Што секако би претставувало некаков договор во однос на најважното прашање кое што го имаме за граѓаните и за државата. Се друго е разговор на теми коишто му значат само на некој кој сака без политичка програма да дојде на власт, односно да оди на избори бидејќи на претседателските избори, повторувам пак, кандидатот на европската коалиција ќе биде победничкиот кандидат и подоцна на парламентарните избори повторно европската коалиција ќе ја предводи Владата која што ќе ја внесе земјата во ЕУ – порача Ковачевски.
Коментирајќи го ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека „можеби Фројд влијае на Ковачевски, па тој може да биде фрустриран од ситници“, премиерот изјави дека проблемите на нашата држава се многу помалку од психотерапевтска природа, тие се повеќе проблеми од „гастроентерхепатолошка природа“.
-Јас ја видов изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во кoja тој споменуваше автори од делот на психотерапијата. Сметам дека проблемите на нашата држава се многу помалку од психотерапевтска природа, тие се повеќе проблеми од гастроентерхепатолошка природа, со оглед на блокадите кои ВМРО-ДПМНЕ ги прави во Собранието и во носењето на одлуките за интеграција на нашите граѓани и на нашата држава во ЕУ, рече Ковачевски.
Тој се огради во ракавици и од изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи дека Македонија треба да го преиспита своето учество во Отворен Балкан заради слушувањата на Косово. Според Ковачевски, ако нема мир, нема да има ниту Отворен Балкан, ниту Берлински процес, а по слична аналогија ќе треба да се преиспитуваат и други меѓународни организации и иницијативи што вклучуваат голем број на земји.
-Еве, на пример, ние сме земја која што председава со ОБСЕ во најтешката година за Европа. Во ОБСЕ членуваат и Русија, Белорусија и Украина и во ОБСЕ имаме држава која што има нападнато друга земја членка. Можете да замислете каков е предизвикот да се председава со една таква организација која што на моменти функционира во услови на блокада, па и на парализа и треба многу вештина за да продолжи да делува. Меѓутоа, ние сме тука да создаваме, а не да растураме и ние сме уверени и порачуваме дека Србија и Косово треба да бидат за мир и треба да направат се да ги повлечат вистинските потези, да ги направат вистинските чекори за безбедна иднина на своите граѓаните, на своите народи, меѓутоа и за стабилност на целиот регион.
Ние како земја сме многу јасен пример дека преку активен и отворен дијалог се решаваат сите отворени прашања и дома, меѓутоа и со соседите и навистина верувам дека овој регион може многу повеќе и може многу подобро. Стоиме на располагање на сите процеси со нашето искуство и со реална поддршка, се со цел да се обезбеди мир и стабилност во регионот кој треба и мора што поскоро да биде дел од ЕУ, истакна Ковачевски.
Што се однесува до ставот на владата по прашање на Отворен Балкан, Ковачевски рече дека истиот останува непроменет.
„Ставот на владата, бидејќи министерот Османи и појасни денес тој својот став го има дадено од позиција на потпретседател на политичка партија, ставот на владата останува непроменет дека како држава имаме конструктивна улога и учество во сите регионални иницијативи, вклучувајќи го и Отворен Балкан, се додека тие иницијативи носат конкретни придобивки за граѓаните, за државите, за економиите, за бизнисите на земјите кои што се дел од овие иницијативи“, посочи Ковачевски.