Ковачевски денес на вечера со Борел
Премиерот Димитар Ковачевски денес ќе престојува во Брисел каде што на покана на високиот преставник на надворешна политика, Жозеп Борел, ќе има билатерална средба, а потоа и работна вечера со лидерите на Западен Балкан. Средбата доаѓа по изјавата на францускиот лидер Емануел Макрон за некаква нова форма на приклучување на земјите кандидати кон Европската унија и во пресрет на јунскиот самит на ЕУ, на кој Македонија и Албанија очекуваат конечно да добијат одлука за преговори за членство.
Висок функционер на Европската унија вчера во Брисел порача дека почнувањето на преговорите со двете држави е приоритет број еден за ЕУ во моментов и дека целта е тоа да се случи до јуни, но освен добрата намера ни тој, ни други извори во Брисел не потврдуваат дека ќе има таква одлука.
Реално во Брисел повеќе владее песимизам отколку оптимизам дека Бугарија ќе го крене ветото и единствено што може да се слушне како цврст став е дека нема расположение да се раздвојат Македонија и Албанија. Пораката на високиот функционер на ЕУ е дека навистина сакаат да видат решение на ова прашање, а изјавата на францускиот претседател не се доживува како нешто ново, туку напротив сметаат дека страстите во регионот не треба да се разгоруваат околу неа, бидејќи начинот на размислување на Макрон е нешто што сме го чуле од Франција одамна. Според проценката овде поради ситуацијата во Украина и влијанијата од Русија во регионот на Западен Балкан ЕУ треба да донесе геостратегиска одлука, а најдобра таква одлука во моментов е да почнат преговорите со Македонија и Албанија.
Бугарски извори од Европскиот парламент сепак не беа оптимисти дека во јуни ќе се донесе одлука за почнување на преговорите, со оценка дека изјавата на министерот Бујар Османи за ставање црта ако тоа не се случи, односно ставањето крај на „фрустрациите и малтретирањата на нашите граѓани“, е неприфатлив ултиматум. Уште повеќе изјавите на претседателот Стево Пендаровски околу спорот се толкуваат од нив како политичка провокација, иако како што се нагласи, и во Бугарија им е јасно дека во моментов не може да стане збор за отворање на Уставот на државата бидејќи власта не може да обезбеди двотретинско мнозинство. Според овој извор, премиерот Кирил Петков дури размислувал да ја поврзе одлуката за ветото на Македонија со изгласување негова доверба во парламентот, но приоритет сега му е да ја одржи владата. (Н.В.)