Ковачевски: Да се биде на вистинската страна значи да се избере патот на мирот

Македонија секогаш беше на вистинската страна на историјата, и во Втората светска војна, и во нејзините независни години, а и сега околу војната во Украина


 

Да се биде на вистинската страна, значи да се избере патот на мирот и напредокот. Денес, повторно, нашата денешна битка е токму таква – да продолжиме по патот на  мирот и прогресот, без да дозволиме кој било, што било и било кога да ни го попречи овој пат, порача премиерот Димитар Ковачевски на централната манифестација во Куманово организирана по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

Осврнувајќи се на историјата, Ковачевски рече дека и во поновата македонска историја е задржан континуитетот да се биде на вистинската страна.

„Сите ние денес сме на вистинската страна, на патот на напредокот и мирот, бидејќи борците од Народноослободителната борба во 1941-та година се избориле и ни го покажале патот, кога во Втората светска војна го отфрлиле окупаторот и се избориле за слободата и државотворноста“, рече Ковачевски, а потоа се осврна на сите настани од независноста до сега. 

„Застанавме во огромно мнозинство на вистинската страна и во 2017-та година кога ја обновивме демократијата во државата, по премрежјата на нестабилност и изолација на домашен и меѓународен план. На вистинската страна се поставивме и кога одлучивме да градиме едно општество за сите и како функционална, мултиетничка држава, Европа во мало. Нашиот уникатен и одржлив модел на демократија е она по што денес светот нè гледа и препознава. Ние сме регионално, европски и меѓународно препознаени како фактор на стабилност, безбедност и развој“, рече премиерот.

Пред предизвикот сме, додаде Ковачевски, да ги реализираме и европските интеграции и да станеме полноправна членка на Европската унија.

„Европската унија,  јасно и гласно, во документите, преку европските лидери и на дело, во формалната комуникација што е достапна на сите граѓани, секојдневно, но и трајно го потврдува признанието на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Ја имаме целосната поддршка и во развојот на нашата мултиетничка граѓанска држава. Недвосмислено се почитува и нашето практикување на европски вредности во унапредувањето на добрососедските односи. Се вреднуваат и нашите определби со коишто се поставивме целосно на линија на политиките на ЕУ, во поглед на позициите во војната во Украина“, нагласи Ковачевски.

Тој се осврна и на провокациите со отворањето на бугарските клубови, без да ги спомене по име.

„Свесен сум за загриженоста што ја предизвикуваат обидите за спорадични и иритирачки провокации, коишто повремено и намерно се стимулираат во земјава, од страни, чиишто интерес се реакции – спротивни на остварувањето на нашите државни стратешки цели, или со подлабоки мотиви. Но, ние сме целосно посветени на заштитата на државните интереси и кон институционални решенија, согласно законите и европското поведение и на овој начин ќе се справуваме со таквите предизвици.

Веруваме дека, како и за сè досега, нашата мудрост е и врата и клуч за нашата европска иднина – клуч за предизвиците и врата за решенијата. Оние кои се заробени во историјата, ја заробуваат и историјата во себе и така таа станува нивна кочница“, нагласи Ковачевски.

Инаку, со положување цвеќе пред Спомен костурницата во Куманово почна централната манифестација за одбележување на 11 Октомври – Денот на народното востание.

Цвеќе положија владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, претставници од Собранието, Кабинетот на претседателот на државата, Министерството за одбрана, Оштина Куманово, Сојузот на борци, дипломатскиот кор…