Ковачевски: Брзањето може да значи и избрзување со Софија


На брифинг со новинарите по средбите во Софија премиерот Димитар Ковачевски изјави дека отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија треба да се решаваат во целина и треба да се во одредена рамка поврзана со кревање на ветото и одржување на првата меѓувладина конференција. Тоа е ставот што тој му го пренел денеска на бугарскиот колега Кирил Петков.

 Македонскиот премиер, како што брифираше, не се врзува за рокови зашто брзањето може да значи и избрзување. За формата на договорот одговорни се министерствата за надворешни работи на двете држави кои се во постојана комуникација.

Инаку прашањата на кои посочува бугарската страна, таканаречен формат 4 плус 1, вклучуваат рехабилитација на жртвите од комунизмот, бришење на навредливите содржини од спомениците во Македонија, говорот на омраза, имплементација на одредбите од историската комисија во македонските учебници и внесување на Бугарите во Уставот.Ковачевски напомена дека прашањата ќе одат во еден пакет, но, оти секое од нив има своја динамика на решавање.

Како што истакна премиерот, при решавањето на политичките прашања со Софија треба да се придржуваме до Резолуцијата која е донесена во Собранието на Северна Македонија и поддржана од сите политички партии, нагласувајќи оти точките не треба да се гледаат како тешки и лесни доколку постои подготвеност за постигнување компромис.

Што се однесува до барањата за заштита на правата на македонските Бугари, според Ковачевски, и да има еден случај на дискриминација , тоа треба да им се пренесе на бугарските соговорници за да биде јасно што се случува. Секој граѓанин кој се жалел, како што вели, има право да биде заштитен, а ако двете држави не комуцираат, нема да знаат какви жалби и во кој број имало.

Во однос на неговиот впечаток од средбите што ги имаше денеска и вчера во Софија, за тоа дали има приближување меѓу двете страни во однос на пакетот политички прашања, Ковачевски брифираше дека на разговорите на заедничката седница воопшто не се разговарало за тие прашања. Тоа, рече, е работа на министерствата за надворешни работи кои го имаат целосниот капацитет и ќе се посветат на приближување на позициите меѓу двете држави.

Премиерот Ковачевски истакна дека решението меѓу двете земји пред се треба да биде базирано на европските вредности, во интерес на граѓаните на Северна Македонија и на Бугарија, да биде институционално поддржано од двете страни и да доведе до одржување на првата меѓувладина конференција. Притоа нагласи дека тоа е процес што треба да ги помине сите фази кои предвидуваат промена на Уставот и нагласи дека таа промена ќе биде поврзана со евроинтегративниот процес во земјата.

За тоа дали постигнатото решение би било вметното во Договорот за добрососедство или би се носел евентуален нов договор, како и за тоа дали би се дало на одобрување во Собранието, Ковачевски истакна дека тој е легалист и оти сите одлуки ќе се носат согласно законите. Нагласи дека има одлуки кои ги носи Владата, има одлуки кои ги носи Собранието, и има одлуки кои ги потпишува претседателот.

Во овој момент не сакаше да прецизира повеќе детали, нагласувајќи дека сега најбитно е да се активира работата на работните групи, да се продолжи по патот на приближување на двете земји преку преземање на практични чекори и реализација на конкретни проекти, бидејќи како што рече, меѓу земји меѓу коишто не постои комуникација тешко е да се постигне какво било решение.